Основното јавно обвинителство поднесе обвинение за кривично дело „насилство“ во врска со нападот на новинарската екипа на ТВ 24 кој се случи минатата недела.
Од ОЈО соопштија дека обвинетиот 67-годишник, на 14 ноември, со грубо навредување и со грубо насилство ја загрозил сигурноста на телевизиска екипа која снимала прилог во близина на неговиот дом.
„Тој најпрвин вербално, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со десниот лакт кон левата долна вилица и нанесувајќи му телесна повреда – набиеница. Кај присутните сведоци на настанот – новинар и возач на телевизиската екипа, обвинетиот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, велат од Обвинителството.
Од Обвинителството информираат и дека побарале продолжување на куќниот притвор за обвинетиот, бидејќи се уште постоеле основите поради кои првично била определена оваа мерка.
Екипата на ТВ 24 беше физички и вербално нападната додека снимала инсерти пред куќата во која според официјалните документи е пријавено престојувалиштето, на контроверзниот украински олигарх Олександр Онишченко.