Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) информира дека е извршен распит на повеќе вработени на Клиниката за онкологија како и на двајца експерти. Дополнително, во тек се распити и на 20-тина пациенти кои до овој момент доброволно се јавиле на телефонската линија на Основното јавно обвинителство Скопје за да помогнат на истрагата со свои сознанија.
„Со цел испитување на ваквите наводи, до овој момент од Клиниката е обезбеден обемен доказен материјал и документација која веќе е предмет на анализа. Се извлекуваат податоците со истории за третманот на групи пациенти кои примале биолошка терапија на Клиниката, како и медицински истории на уште околу 40-тина пациенти за кои се врши директна проверка на податоците за лекувањето. Основното јавно обвинителство Скопје формираше тим од експерти кои вршат анализа на целокупното економско-финансиско работење на Клиниката, како и анализа на податоците од здравствените истории на пациентите“, соопштуваат оттаму.
Обвинителството постапува во координација со Министерството за внатрешни работи кое врши анализа на компјутерските податоци одземени при извршените претреси на три локации. Определени дејствија се побарани и од Управата за финансиско разузнавање. Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, согласно своите надлежности, треба да изготват и да достават извештаи за работата на Клиниката.
Во дејствијата кои се преземаат во однос на наодите од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија во врска со Клиниката за онкологија, јавното обвинителство известува дека ќе ги вклучи и ревизорите кои го изготвувале извештајот и ги констатирале состојбите.
„Основното јавно обвинителство Скопје, користејќи ги каналите за меѓународна соработка и размена на информации, ќе побара податоци од надлежните органи во Косово и Албанија за пациенти од тие земји кои се лекувале со одредени терапии во РС Македонија, како и за евентуални сознанија за илегална препродажба на лекови за третман на онколошки пациенти во тие земји“, се вели во соопштението.
Неформалната група пациенти од Клиниката за онкологија вчера до Основното јавно обвинителство Скопје доставила список од тројца директни пациенти и еден близок сродник на пациент на Клиниката кои би биле вклучени и би добиле директен увид во сите докази прибрани во текот на постапката.
„Во текот на денешниот ден, јавните обвинители ќе ги контактираат тие лица за да ги повикаат во Обвинителството да потпишат изјави за тајност и да ја договорат динамиката на активностите“, соопштија од таму.