Неколку познати конгресменки од Демократската партија во САД вчера беа приведени од полицијата додека протестираа за поддршка на правото на абортус пред Врховниот суд, каде минатиот месец беше укинат историскиот преседан „Ро против Вејд“ со кој жените во целата држава имаа загарантирано право на абортус.
Политичарките првично се собраа пред Конгресот, а потоа маршираа до зградата на Судот со извици како „наши тела, наш избор“ и „нема да се повлечеме“.
Во групата беа истакнатите прогресивни пратенички Александрија Окасио Кортез, Илхан Омар, Рашида Таиб и Кори Буш. Тие на протестот беа приведени откако седнаа на улицата пред Врховниот суд со образложение дека недозволено го блокирале сообраќајот.
Multiple members of Congress, including @AOC, being arrested by Capitol Police for blocking traffic outside the Supreme Court in abortion rights demonstration: pic.twitter.com/fysQN1oBAw
— Andrew Solender (@AndrewSolender) July 19, 2022
„Имам привилегија да претставувам сојузна држава во која репродуктивните права се почитуваат и се заштитени. Најмалку што можам да направам е да го ставам моето тело заедно со 33 милиони други жени кои се во ризик да ги загубат нивните права“, изјави конгресменката од Њујорк, Каролин Малоуни, која исто така беше приведена од полицијата.
Според организацијата Центар за народна демократија, која ги координираше протестите, уапсени биле 18 членови на Конгресот од кои седумнаесет биле жени.
Врховниот суд го укина националното право на абортус пред помалку од еден месец. Абортусот сега е забранет или е под закана да се забрани во 60% од американските сојузни држави.