„Околу 1000 украински бегалци немаат никакви права во земјава“ – одбележан Светскиот ден на бегалците во Скопје

Под слоганот „Секој, секаде, секогаш – има право да бара сигурност“ и со велосипедска тура во Градскиот парк и на кејот на Вардар денеска во Скопје се одбележа Светскиот ден на бегалците, 20 јуни.

Велосипедската тура обедини баратели на азил, бегалци, организации и институции, а беше организирана од страна на УНХЦР, Агенцијата на Обединетите Нации за бегалци.

На турата учествуваше и Татјана, Украинка која веќе осум години живее во Скопје. Таа за Радио МОФ на течен македонски јазик изјави дека во Македонија најпрво дошла со својот сопруг и ќерка, а тука се родил и нејзиниот син.

„Но после февруари, 24 февруари, кога започна војната во Украина ние организиравме дел од нашата фамилија, односно моите браќа и мајка ни да дојдат тука,  бидејќи таму веќе не беше безбедно, имаше воздушни напади и иако во нашиот град немаше руска војска, не можеме да кажеме дека таму е безбедно – никаде во Украина не е безбедно, тие секаде може да стигнат со ракета“, сподели таа.

Зборувајќи за тоа зошто се приклучила на турата, Татјана вели дека го направила тоа од солидарност.

„Сите мислиме дека темата на бегалците е некаде далеку од нас, некаде во Африка, таму каде што никогаш не сме биле, но ете, таа е блиску и може да дојде во било која држава и многу е битно бегалците да имаат права, да не се забораваат и да имаат можност да живеат достоинствен живот“, посочи таа.

Помеѓу велосипедистите имаше и македонски државјани кои учествуваа на трката со цел да ја покажат својата поддршка. Еден од нив е и графичкиот дизајнер Горан Костовски (Ин Дог) кој истакнува дека секој подеднакво заслужува да добие човечки третман во животот, без разлика од каде доаѓа и каква националност е.

„Се приклучив во турата во солидарност со бегалците, затоа што многу е битно да се покаже денеска дека тие луѓе се присутни меѓу нас, не треба да ги игнорираме затоа што секој живот е еднакво вреден и секој човек заслужува еднакви човекови права“, вели тој.

Фото: УНХЦР

Љубинка Брашнарска од УНХЦР за Радио МОФ вели дека моментално во земјава има околу 1000 украински бегалци, кои немаат пристап до своите права односно, немаат можност да се лекуваат во јавно здравствени установи, немаат можност децата да се запишат во градинки и во училишта, а возрасните немаат можност да работат и да придонесуваат.

„Не смееме во никој случај тие лица да ги третираме како туристи, тие лица се бегалци коишто избегале од војна, бомбардирање, од директна закана по нивните животи, така што донесување одлука за давање статус коишто ќе им даде пристап до нивните права е од апсолутно највисока важност“, вели таа.

Брашнарска посочува дека веќе над 12 милиони луѓе се присилно раселени од Украина, од кои 7 милиони се внатре во Украина, односно внатрешно раселени лица, додека над 5 милиони се надвор и се во европските држави.

„Не можам да нагласам колку е важно да се има пристап до медицински услуги, до социјални услуги, малите дечиња да можат да се запишат во градинка. На пример, украинските бегалци кај нас, се` уште немаат правен статус со кои што може да ги остварат овие права. Затоа и апелираме веднаш  да им се обезбеди пристап до права, со одредување статус којшто им дава пристап до овие права. Во Европската Унија за првпат се активираше Директивата за привремена заштита и ние препорачуваме на сличен начин и другите држави да го регулираат престојот на украинските бегалци затоа што се работи за голем број луѓе коишто одеднаш бегаат.“

Во светот има над 100 милиони присилно раселени лица

Брашнарска додава дека оваа година за првпат во историјата откако се бројат присилно раселените лица, надмината е бројката на 100 милиони присилно раселени лица насекаде во светот, односно двојно поголема бројка за само 10 години.

„Ова е поразувачка бројка што значи дека се` почесто се прибегнува кон насилство, наместо мирно решавање на конфликтите. За да има помалку бегалци пред се` треба да се решаваат конфликтите што ги бркаат од своите родни грутки. Реално нема многу војни на број во светот, доколку само би се запреле војните во шест  држави во светот, тоа би намалило повеќе од две третини од бегалците во целиот свет, забележува таа.

Оттаму, продолжува Брашнарска, светот мора да најде решенија да ги спречи конфликтите, а на бегалците да им се обезбеди мирно место за да го продолжат својот живот, а не само да живуркаат и да бидат прифатени и згрижени одредено време.

„За тоа време децата да можат да одат на училиште, за тоа време возрасните да придонесуваат кон пазарот на трудот -да работат, да бидат активни чинители во општеството, што секако и за општеството ќе значи придобивка бидејќи тоа ја поддржува и развива локалната економија“, вели таа.

Правда, почит, солидарност и надеж

Фото: Радио МОФ

Во скопскиот Градски Парк, беше исцртан мурал на ѕидот на Зоолошката градина со цел одбележување на Светскиот ден на бегалците, од страна на клубот за уметност и активизам на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Тие споделија дека преку муралот сакаат да споделат порака за нивната отвореност кон бегалците.

„Преку муралот, на наш начин, кажуваме дека им подаваме рака, да им пружиме најдобро што можеме“, велат младите.

Одбележувањето на Светскиот ден на бегалците ќе продолжи и вечер со проекција на норвешкиот филм „Welcome to Norway“, која ќе започне во 20 часот во Europe House.

Ивана Смилевска

Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.