На плажата во Извидчничкиот центар во Охрид, деновиве освен редовните посетители може да се забележат деца и млади кои учествуваат на летниот камп „λ камп 2021“ во организација на Сојузот на извидници на Македонија кој трае се до 15 август.
Традиционалниот камп на извидниците се одржува по пауза од две години, каде учествуваат околу 180 извидници од цела земја на возраст од 12 до 16 години.
„По принципот на учење преку работа и забава, деновите и вечерите ги поминуваат во другарување, учество на водени и забавни игри, еколошки и креативни работилници, стреличарство, ориентација, кампување, лидерство и останати извиднички и животни вештини“, велат од Сојузот на извидници.
Извидниците ги изведуваат активности според владините протоколи на настани на отворено и внатрешни протоколи на сојузот, додаваат тие.
Инаку, како што посочуваат од Сојузот на извидници, извидничкото движење претставува најголема светска организација за неформално образование која брои преку 60 милиони членови и неговата мисија е да придонесе во интелектуалниот, психичкиот, физичкиот, социјалниот и емотивниот развој на децата и младите.
Оттаму порачуваат дека секој кој сака да се приклучи на извидничкото движење, тоа може да го направи во текот на месец септември, кога одредите ширум Македонија ги започнуваат уписите на нови членови.