Околу 80 отсто од граѓаните на Србија поддржуваат најголем дел од барањата на студентите, а третина од населението вели дека учествувале во тековните протести. Студентските протести ги поддржуваат 64 отсто од граѓаните, објави организацијата „Црта“ по последното истражување, пренесува Н1.
Студентските протести станаа клучен фактор за политички и општествени промени во Србија, со потенцијал за натамошно проширување и зајакнување на поддршката, покажуваат резултатите од новото истражување на јавното мислење спроведено од организацијата.
И по речиси три месеци студентските протести не само што не стивнуваат, туку добиваат се поголема поддршка, велат од „Црта“.
„Наместо гнев, страв и загриженост, меѓу граѓаните сега преовладува надежта и оптимизмот, благодарение токму на протестите и студентите. Студентските протести ги поддржуваат 64 отсто од граѓаните, а најголем пораст на поддршката во последниот месец е забележан кај оние кои инаку ги поддржуваат партиите на власт. Сега секој петти граѓанин на кој му се блиски партиите на власт ги поддржува протестите, а на крајот на декември беа за половина помалку“, се додава во соопштението.
Граѓаните веруваат дека протестите можат да донесат позитивни промени – 46 отсто од нив сметаат дека земјата оди во вистинска насока наспроти 38 отсто кои мислат спротивно. Растот на оптимизмот за иднината на земјата, како што покажуваат податоците од истражувањето, јасно произлегува од енергијата што ја донесоа студентските протести, а не од довербата во владината политика и состојбата со економијата.
Речиси 60 отсто од граѓаните им веруваат на студентите, а исто толку сметаат дека претседателот на државата не е надлежен за решавање на студентските барања, се наведува во соопштението.
Според истражувањето, повеќе од половина од граѓаните (52 отсто) го делат ставот дека барањата на студентите не се исполнети, сметајќи дека студентите и претставниците на факултетите се единствените повикани да проценат дали барањата се исполнети.