Олег Сенцов повеќе од 100 дена штрајкува со глад во руски затвор

„Ви благодарам на сите за роденденските честитки. Ќе се обидам да не ве разочарам, да не се откажам и да не умрам. Сепак, мислам дека само две од овие три желби можат да се остварат“, напиша украинскиот режисер Олег Сенцов во последното писмо до јавноста од затворот во Русија каде го прославил 42-от роденден додека отслужува 20 годишна затворска казна.

Денеска е 105-тиот ден од почетокот на штрајкот со глад на Сенцов во протест поради затворањето на 64 Украинци од страна на Русија, кои ги смета за „политички затвореници“.

Според неговите роднини Сенцов изгубил преку 30 килограми за време на штрајкот со глад, а неговата сестра Наталиа Каплан изјавила дека неговото здравје е катастрофално.

Тој беше уапсен затоа што протестираше против анексијата на Крим од страна на Руската Федерација на 10 мај 2014 година и е осуден на дваесет години затвор за „учество во терористичка група“.

Сенцов бил и една од темите на разговорот кој го имале министрите за надворешни работи на САД и Русија, Мајк Помпео и Сергеј Лавров, во четвртокот, кога било побарано „итно ослободување“ на режисерот.

„Секретарот (Помпео) ја потенцираше нашата загриженост за здравјето на Сенцов и ја повика Русија итно да го ослободи Сенцов и сите други украински политички затвореници“, изјавила портпаролката на Стејт Департментот, Хедер Ноерт.

Руските власти одбиваат да го ослободат и покрај неговото лошо здравје и силниот притисок од западните влади и организациите за заштита на човековите права, кои го поддржуваат ставот на режисерот дека обвиненијата против него се политички мотивирани. Властите го одбиле барањето на мајката на Сенцов за помилување, посочувајќи дека режисерот треба самиот да го побара тоа за да започне процедурата за помилување. Режисерот одбива да го направи тоа со образложение дека не верува дека сторил кривично дело.

На Амнести Интернешнл не им е дозволен пристап до Сенцов, што според украинскиот директор на организацијата, Оксана Покалчук, е неодбранливо.

„Амнести Интернешнл повикува на итно ослободување на Сенцов и бара, додека е во затвор, да има пристап до стручни здравствени работници, да добива медицинска помош во согласност со медицинската етика според принципите на автономија, тајност и информирана согласност. Дополнително, руските власти мораат да им дозволат пристап до Сенцов на претставници на украинската власт“, вели Покалчук во соопштението од почетокот на август.

Повеќе од 205 илјади луѓе се потпишани на активната петиција на change.org преку која се бара негово итно ослободување, а петиција е објавена и на интернет страницата на Белата куќа со која се бараат 100 илјади потписи за одговор од американската влада.

Пред руската амбасада во Киев редовно се одржуваат протести за поддршка на Сенцов, а на 100-тиот ден од неговиот штрајк со глад негово ослободување побараа голем број активисти, организации и филмски работници од целиот свет. На повикот се приклучија и од Друштвото на филмски работници на Македонија. За случајот на Олег Сенцов е направен и документарен филм насловен како „Процесот“.

 

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.