Краткиот аматерски документарен филм со наслов “Оловни генерации” на гимназијалката Александра Алексовска е добитник на специјално признание за најдобар аматерски документарен филм, во категоријата на автори до 18 години, на Интернационалниот филмски фестивал “Green Fest” во Белград, објави Дума.мк.
Во документарниот филм, Алексовска, која исто така е и координатор на медиа/арт клубот на Младинскиот образовен форум во Велес, ја раскажува еколошката приказна на својот роден град низ изјави на борците за заштита на животната средина против најголемиот загадувач со тешки метали, поранешната Топилница за олово и цинк.
Авторката разговара со Игор Смилев, Соња Гаврилова и д-р Ненад Коциќ и ја пренесува приказната за последиците од три децениското загадување на градот со олово, кадмиум и цинк, особено оние кои што велешани се уште ги чувствуваат на сопствена кожа, како и за борбата на граѓанскиот сектор против масовниот загадувач. Во интервјуата, Смилев, Гаврилова и Коциќ целосно го откриваат сопствениот мотив, упорност и желба да им овозможат на идните генерации на велешани право на живот во еколошки чиста и здрава средина.
„Green Fest” e интернационален филмски фестивал за „зелена“ култура којшто се одржува секоја година во Србија. Млади автори на документарни филмови од цел свет имаат можност да испратат свое дело на фестивалот, кое го оценува стручна жири-комисија, која потоа прави селекција на најавтентичните документарни филмови за проекција во ревијалниот дел.
Годинава имаше 106 пристигнати филмови oд 24 земји, а документарниот филм “Oловни генерации” беше прикажан на големиот екран во „Дом на младината“ во Белград, пишува Дума.