Промоција на монографија посветена на ликовниот уметник Владимир Георгиевски, како и омаж изложба во негова чест, денес, 7 декември, ќе се отвори во Музејот на Град Скопје.
Со почеток во 20 часот, посетителите ќе имаат можност да разгледаат околу 100 дела на уметникот работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел, а ќе биде претставена и монографијата посветена на неговото творештво во издание на Музеј на град Скопје.
Куратор на изложбата е Емил Алексиев.
Владимир Георгиевски е роден 1942 година во Скопје. Во 1963 завршил Училиште за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади ’25 мај’). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектруа во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Бил професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.
Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројните театарски претстави и неколку домашни играни филмови.
Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколкупати е наградуван и за неговата работа во театар.