Кинотека на Македонија ја објави програмата за март, месец на европскиот филм, со омаж на актерот Бруно Ганц, кој неодамна почина, а ќе бидат прикажувани и реставрирани филмови од режисерот Кирил Ценевски. Од Кинотека најавуваат и организирање на Вечери на женски права со два документарци.
„Пред одредено време овој реален свет го напушти Бруно Ганц, легендарниот актер со швајцарска адреса. Ганц е веројатно најслав(е)ниот актер од германското говорно подрачје на денешнината, но и и целиот свет беше негов актерски дом. Беше и ангел (НЕБОТО НАД БЕРЛИН на Вим Вендерс) и Хитлер (ПАД на Оливер Хиршбигел), а во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе го видиме во македонската копродукција СВЕДОК на Митко Панов и во КУЌАТА ШТО ЈА ИЗГРАДИ ЏЕК на контроверзниот Ларс фон Трир. Месецот март е добар повод да ги разбудиме вашите сеќавања на еден бисер на македонската кинематографија. Се работи за режисерот Кирил Ценевски и неговиот опус од 4 играни долгометражни филмови, кои Кинотеката на Македонија дигитално ги реставрираше и ги издаде како комплет на ДВД. Секако, ќе имате прилика да ги видите ЦРНО СЕМЕ, ЈАД, ОЛОВНА БРИГАДА и ЈАЗОЛ и на големото платно во киносалата“, велат од Кинотека.
„Од домашната продукција ја издвојуваме и премиерата на проектот на кинематограферот и професор Роберт Јанкуловски, МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, документарен филм за Јанаки и Милтон Манаки, а ве покануваме и на отворањето на изложба на реставрирани фотографии од опусот на Браќата Манаки. Тука е и ТЕАТАРОТ СКУПИ, научно-образовен филм во режија на Владимир Блажевски: филмот не ги открива само тајните на амфитеатарот од римскиот период, туку тој нѐ воведува во археологијата како наука, а и во конзерваторството како занает. Не ја занемаруваме ниту стручната публицистика, па во март ќе го промовираме и изданието на Кинотеката на Македонија, МУЗИКАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ: ОД „ФРОСИНА“ ДО „ЛАЗАР“ на универзитетскиот професор Александар Трајковски“, додаваат од Кинотека.
Целосната програма можете да ја најдете на следниов ЛИНК.