Во среда (27 април) со почеток од 20 часот во Кинотека на Северна Македонија ќе се одржи настанот „По стапките на… проф. д-р sci Томе Манчев“ кој претставува своевиден омаж на ликот, делото и значењето на неодамна починатиот, исклучителен македонски композитор Томе Манчев, информираат од Кинотеката.
Оттаму велат дека неговото мото било да се создаде високо квалитетно и уметничко дело со моќна експресија, односно, високо ниво на психоенергија, совршено композициско-техничко обликување, но и дело што ќе успее да го „предаде“ како граѓанин на Македонија.
„Всушност, дејноста преку која овој композитор ќе остане особено запаметен е неговата педагогија на сите степени на образование – од средно образование до докторски студии. Омажот е симболично навраќање конципирано преку делата на неговите студенти по композиција. Составен е од композициски начела на сега веќе реномирани творци, поранешни студенти по композиција, дела создадени под менторство на проф. д-р sci Томе Манчев“, стои во најавата за настанот.
Музичките композиции кои ќе се изведат на настанот се „Исон – симфониска поема“ на Валентина Велковска Трајановска, „7 Звуци на Осаменост – 7 Афоризми за Пијано“ на Горан Начевски, „Allusioni Marini“ на Михајло Штерјев, „Симфонија бр. 15“ на Вулнет Таири и „Concert Etudes for Piano and Symphonic Orchestra“ на Борис Светиев.
Омажот на Манчев е посветен од неговите докторанди, поширокото семејство и почитувачи на неговата музика и дејност.