Изложбата во чест на сликарот Омар Калеши ќе биде отворена во Чифте Амам на 16 јуни, со почеток во 12 часот. Националната галерија ја организира изложбата во соработка со Универзитетот „Мајка Тереза“- Скопје и членови од семејството на Омер Калеши.
На отворањето на изложбата за личноста и творештвото на Омер Калеши говор ќе одржи директорката на Национална галерија Дита Старова Ќерими.
Од Националната галерија известуваат дека на изложбата ќе бидат прикажани триесеттина дела на Калеши во техника масло на платно.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на месецот.
Омер Калеши е роден во Македонија, емигриран во Турција, каде што завршил Ликовна академија, од 1965 година со постојано место на живеење во Париз. Калеши се одликуваше со космополитски дух. Во неговиот творечки опус до крајот на животот останува доследен на своите корени, при што главниот фокус е насочен кон човечкиот лик, нагласувајќи ја главата, како симбол на неговиот дух. Тој низ своето творештво обединува три балкански земји, кои всушност се и негови татковини: Македонија, Албанија и Турција.
Во својата биографија има повеќе самостојни изложби во Истанбул, Белград, Скопје, Битола, Хаг, Приштина, Париз, Флавињи, Анкара, Кан.
Во 2018 година е избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите и истата година е добитник на државната награда „Мајка Тереза“.
Дел од неговото културно наследство се галериите со неговото име во УМТ, Универзитетот Илирија во Приштина, Националната галерија на Македонија, Галериите во Турција во Бурса и во Тирана.