Омаж во чест на македонските етнолози Бранислав Русиќ, Вера Кличкова, Нијази Лиманоски, Ѓорѓи Здравев и Љупчо Неделков ќе се одржи на 9 јуни, четврток, во просториите на Институтот за етнологија и антропологија (ИЕА) при Природно Математичкиот факултет (ПМФ).
Омажот ќе се оствари по повод годишнините од раѓањето или смртта на истакнатите етнолози, а настанот ќе започне во 12 часот напладне.
Од ИЕА посочуваат дека оваа година се навршуваат 110 години од раѓањето на професорот Бранислав Русиќ, основоположникот на современата македонска етнологија.
„Лани, во текот на пандемијата на Ковид 19, што направи вакуум во сеќавањата и одбележувањата на значајни годишнини, се навршија 110 години од раѓањето на Вера Кличкова, бардот на македонската етнологија и етнолошка музеологија, пионерот на македонската визуелна етнологија и првата децениска директорка на Етнолошкиот Музеј на Македонија“, истакнуваат од Институтот.
Оттаму дополнуваат дека во 2021 се навршија и 80 години од раѓањето на професорите Ѓорѓи Здравев, големиот познавач на естетиката и етнолошките вредности на народното текстилно творештво, како и Нијази Лиманоски, истражувачот и општествен деец во сферата на етничките процеси во Македонија.
А оваа година пак, се навршуваат и 10 години од прераната смрт на професорот Љупчо Неделков, истражувач на народната култура и обредност на Македонците, Власите и Саракачаните.
Во рамки на настанот ќе се одржи студентски перформас каде студенти ќе читаат биографии на етнолозите, како и проекција на видеа од животот и делата на споменатите етнолози.
Од ИЕА истакнуваат дека претходно на студентска работилница, биле создадени и обновени статиите на „Википедија“ на македонски јазик, кои се однесувале на петмината етнолози.
„Сеќавањето и заборавот нè дефинираат и како луѓе и како колектив. Избирајќи што ќе памтиме, а што ќе заборавиме го создаваме општественото сеќавање, ја создаваме традицијата на којашто толку многу се повикуваме“, порачуваат од ИЕА.