„Omegle“ го напушти дигиталниот свет по 14 години тврдења за злоупотреба

Популарниот веб-сајт за видео разговор „Omegle“ (Омегл) згаснува 14 години по тврдењата на корисници за злоупотреба.

„Omegle“ со години по случаен избор ги ставаше корисниците во онлајн разговор со странци. Страницата се стекна со особена популарност меѓу децата и младите за време на ковид пандемијата. Сепак таа е спомената во повеќе од 50 случаи против педофили во последните неколку години.

Основачот, Лиф Брукс изјави дека работењето на веб-сајтот не е повеќе одржливо ниту од финансиски ниту од психолошки аспект.

„Не може да има чесен опис за ‘Omegle’ без да се признае дека некои луѓе го злоупотребиле, вклучително и за да извршат неописливо ужасни злосторства. Колку и да посакувам условите да беа поинакви, стресот и трошоците за оваа борба – заедно со постоечкиот стрес и трошоци да се раководи ‘Omegle’ и неговата злоупотреба – едноставно е премногу. Искрено, не сакам да доживеам срцев удар на моите 30 години“, рече Брукс.

Згаснувањето на „Omegle“ беше најавено со фотографија од логото поставено на надгробна плоча.

Брукс го лансираше „Omegle“ во 2009 години на 18-годишна возраст.  Според некои анализи, веб-сајтот го посетувале 73 корисници месечно, најчесто од Индија, САД, Велика Британија, Мексико и Австралија.

Некои тинејџери го гледаа како можност да се поврзат со странец на интернет преку видео разговор во кој е можно се’ да се случи.

И навистина, како што се ширеше веста за неговото затворање, младите кои пораснале на „Omegle“ ги споделуваа своите приказни и спомени на социјалните мрежи.

Сепак, „Omegle“ беше предмет на контроверзии и многумина исто така споделија ужасни приказни за видови сексуално и предаторско однесување кое го искусиле на веб-страницата.