Доколку руската инвазија на Украина се претвори во пролонгиран конфликт, речиси 30 отсто од населението од земјата со 44 милиони би можело да падне под праг на сиромаштија, додека дополнителни 62 отсто би биле изложени на ризик да паднат во сиромаштија во рок од една година, соопшти Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), јавува „Радио Слободна Европа“.
УНДП ја цитира проценката на украинската влада дека војната досега предизвикала загуба од најмалку 100 милијарди долари на критична инфраструктура, како што се патишта, мостови и болници, и предизвикала затворање на најмалку половина од деловните активности во Украина, додека другата половина работи далеку под капацитетот.
„Војната во Украина предизвикува незамисливо човечко страдање со трагична загуба на животи и раселување на милиони луѓе. И додека потребата од итна хуманитарна помош за Украинците е од најголема важност, акутните развојни влијанија од долготрајната војна сега стануваат поочигледни“, рече администраторот на УНДП, Ахим Штајнер.
„Алармантниот економски пад и страдањата и тешкотиите што ќе ги донесе на веќе трауматизираното население сега мора да бидат во поостар фокус. Сè уште има време да се запре оваа мрачна траекторија“, додаде Штајнер.
Агенцијата на ОН, истовремено побара итен прекин на конфликтот во Украина.