ОН длабоко загрижени за фундаменталните промени во политиката на САД

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Волкер Турк денеска изјави дека е длабоко загрижен за фундаменталната промена во насоката во која тргнаа Соединетите Американски Држави по враќањето на Доналд Трамп на власт, пренесе Н1.

Во говорот пред Советот за човекови права во кој детално ја анализираше ситуацијата во светот, Турк изрази и жалење поради „контролата на влијанието“ на, како што рече, „неизбраните технолошки олигарси“.

Високиот комесар рече дека ОН со децении уживаат поддршка од САД за прашањата за човековите права „благодарение на великодушноста и сочувството на американскиот народ“.

„Но, денес сум длабоко загрижен од фундаменталната промена на насоката што се спроведува на национално и меѓународно ниво“, рече Турк.

Без да го именува американскиот претседател, Волкер Турк истакна дека парадоксално, политиките наменети за заштита на луѓето од дискриминација сега се етикетирани како дискриминаторски и дека напредокот постигнат во родовата еднаквост е „сведен на нула“.

„Дезинформациите, заплашувањата и заканите, конкретно кон новинарите и државните службеници, ризикуваат да ја поткопаат работата на независните медиуми и функционирањето на институциите“, продолжи тој.

Тој додаде дека говорите кои сеат „поделби“ се користат за „залажување и поларизирање“ и нагласи дека тоа предизвикува страв и вознемиреност кај многу луѓе.

Во обвинението против „технолошките олигарси“, Турк не наведе ниту едно име, дури ни на сопственикот на „Тесла“, „Спејс икс“ и X, Илон Маск кој стана близок советник на американскиот претседател Доналд Трамп, чија задача да ја реформира федералната влада го тресе Вашингтон.

„Мал број неизбрани технолошки олигарси ги имаат нашите податоци, знаат каде живееме, што работиме, нашите гени и нашата здравствена состојба, нашите мисли, обичаи, желби и стравови. Нè познаваат подобро отколку што се познаваме ние самите себеси“, рече Турк.

„Знаат како да манипулираат со нас“, додаде тој, истакнувајќи дека недостатокот на прописи може да доведе до „опресија потчинување и тиранија“.

„Треба да се прилагодиме – брзо. Државите треба да ја исполнат својата задача да ги заштитат граѓаните од неконтролирана влада и да работат заедно за да го спречат тоа“, рече Турк.

Острите критики на високиот комесар кон САД доаѓаат во време кога американскиот претседател Трамп потпиша извршна наредба за повлекување на САД од Советот за човекови права на ОН на почетокот на февруари. САД веќе не беа членка на тоа тело на ОН и пред враќањето на републиканецот Доналд Трамп во Белата куќа, но како и сите други земји-членки на ОН, САД можеа да учествуваат во дискусиите како набљудувачи.