Светското население, кое сега брои 7,2 милијарди луѓе, се очекува до 2025 година да достигне 8,1 милијарда, 9,6 милијарди во 2050 година и 10,9 милијарди во 2100 година, се наведува во извештајот на Обединетите нации.
Просечната возраст на населението, исто така, бележи тренд на брз раст. Бројот на луѓе на возраст од 60 години нагоре, најверојатно ќе се зголеми над трипати до 2100 година, од 841 милион луѓе денеска до 2 милијарди во 2050 година и речиси 3 милијарди во 2100 година.
Бројот на луѓе на 80 и повеќе години ќе се зголемат за 7 пати до крајот на векот, односно ќе бројат околу 830 милиони наспроти сегашните 120 милиони. Две третини од нив ќе живеат во развиените земји.
Според извештајот под наслов „Светските демографски перспективи, корегирана 2012“ Африка ќе обезбеди над половина од светскиот раст на населението. Од сегашните 1,1 милијарда жители Африка во 2050 година ќе има 2,4 милијарди и над 4,2 милијарди жители во 2100 година, пренесува МИА.
Во останатиот дел од светот се очекува населението да се зголемува за 10 проценти во периодот меѓу 2013 и 2100 година. Населението на Европа ќе се намали за 14 проценти во овој период.
Се очекува Индија да ја надмине Кина како земја со најголем број жители во светот околу 2028 година со 1,45 милијарди жители, а во 2100 ќе има 1,5 милијарди наспроти Кина со 1,1 милијарда жители.