Јемен не смее да се заборави поради кризата во Украина, порачаа учесниците на денешната конференција на Обединетите нации посветена на Јемен и предупредија на катастрофалната хуманитарна ситуација и гладот што и се заканува на земјата, доколку наскоро нема нови донации, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Обединетите нации го сметаат Јемен за најголема хуманитарна катастрофа во светот и предупредуваат дека парите што спречуваат влошување на ситуацијата сега се трошат.
„Погубната војна во Јемен трае веќе седум години, економијата е уништена, а општеството е во колапс. Се сретнавме за да ја пополниме огромната празнина во финансирањето на спасувачката хуманитарна акција“, изјави првиот човек на Организацијата за координација на хуманитарни активности на ОН (ОКХА), Мартин Грифитс.
Тој истакна дека оваа година е потребно да се соберат речиси 4.3 милијарди долари за помош која ја очекуваат повеќе од 17 милиони луѓе ширум Јемен.
„Се надеваме дека ќе собереме пари за храна, лекови и сместување на раселените лица“, рече Грифитс, додавајќи дека ситуацијата во Украина ќе има „далекосежни секундарни последици за хуманитарната криза во Јемен“.
„Ова сигурно ќе им нанесе штета на граѓаните на Јемен, имајќи предвид дека земјата е речиси целосно зависна од увоз на храна, при што речиси една третина од потребните количества пченица доаѓа од Украина“, додаде Грифитс.
Според податоците на ОКХА, од 31.9 милиони граѓани на Јемен, хуманитарна помош е неопходна за 23.4 милиони луѓе, од кои 12.9 милиони се акутно загрозени.