ОН: Јужна Африка се соочува со најголем недостиг на храна во последните децении

Светската програма за храна на Обединетите нации (ОН) предупреди дека 27 милиони луѓе во јужна Африка се соочуваат со најтешката криза со храна во последните децении, бидејќи постои недостаток на ресурси, пишува „Анадолу“.

Агенцијата на ОН објави дека Лесото, Малави, Намибија, Замбија и Зимбабве прогласиле кризна состојба и побарале меѓународна хуманитарна помош поради рекордната суша. 

„Ако не добиеме дополнителни средства, милиони луѓе се изложени на ризик да останат без помош за време на најлошиот период на недостиг во последните децении. Октомври во јужна Африка го означува почетокот на периодот на недостиг. Можеме да очекуваме секој месец да биде потежок од претходниот до жетвата во март и април следната година, посевите пропаднаа, добитокот угина, а децата се среќни што имаат по еден оброк на ден“, рече портпаролот на Светската програма за храна, Томсон Фири.

Десетици милиони луѓе во овие области зависат од земјоделските насади и се потпираат на дождовите како единствен начин за наводнување.

Агенцијата планира да обезбеди повеќе од 6,5 милиони луѓе во седумте најранливи земји со храна, а во некои случаи и пари до следната жетва. 

На крајот на минатата година, хуманитарните агенции предупредија на можност од катастрофа, бидејќи временскиот феномен Ел Нино резултираше со потпросечни врнежи во регионот.

Обединетите нации во јули објавија дека ова е најтешката суша во областа која уништи  70 отсто од посевите во Замбија и 80 отсто во Зимбабве.

Поради недостигот на врнежи, проблеми во работењето имаат и хидроцентралите, што доведува до чести прекини на електричната енергија.