ОН одлучи дека пристапот до здрава животна средина е основно човеково право

Советот за човекови права на Обединетите Нации (УНХЦР) вчера за прв пат одлучи дека пристапот до чиста, здрава, безбедна и одржлива животна средина е основно човеково право.

И покрај критиките од одредени држави пред одржување на советот, меѓу кои и САД и Велика Британија, новата резолуција предложена од Костарика, Малдиви, Мароко, Словенија и Швајцарија беше изгласан со 43 гласа. Според соопштението за јавноста единствено Русија, Индија, Кина и Јапонија биле воздржани.

„Ова има огромен потенцијал во свет каде глобалната еколошка криза предизвикува повеќе од 9 милиони предвремени смртни случаи секоја година“, вели Дејвид Бојд, специјалниот известувач на ОН за човекови права и животна средина, кој ја нарече одлуката „историски исчекор“, пренесе Ројтерс.

Одлуката, која доаѓа неколку недели пред важниот КОП26 самит во Глазгов, Шкотска, исто така воведува функција на специјален известувач за влијанието врз човековите права од климатските промени.

Резолуцијата, која првично беше дискутирана во 1990-тите години, не е правно обврзувачка, но има потенцијал да ги промени глобалните стандарди. Правниците вклучени во климатски правни процеси велат дека оваа одлука може да им помогне при аргументацијата во случаи каде е вклучена екологијата и човековите права.

Според проценките на Светската здравствена организација, секоја година 13,7 милиони смртни случаи, или околу една четвртина од вкупната светска бројка, се поради еколошки ризици како што е аерозагадувањето или изложеност на штетни хемиски супстанци.