ОН: Повеќе од 10.000 жртви на сексуално насилство во судирите во Етиопија

Најмалку 10.000 жени и девојки биле жртви на сексуално насилство во Етиопија и покрај мировниот договор меѓу завојуваните страни, велат експертите на Обединетите нации (ОН) во новиот извештај.

Претседателот на меѓународната комисија на експерти за човекови права во Етиопија, Мохамед Чанде Отман, изјави дека ситуацијата сè уште е „исклучително сериозна“ и покрај мировниот договор потпишан во ноември 2022 година.

Насилството избувна во ноември 2020 година, главно во северниот регион Тигра, кој со месеци беше отсечен од надворешниот свет.

Во извештајот се наведува дека сите страни во таа војна извршиле злосторства, вклучувајќи масовни убиства, силување, гладување и уништување училишта и медицински установи.

Во извештајот се вели дека војниците од соседна Еритреја и членовите на милицијата од групата Амхара во Етиопија продолжуваат да вршат сериозни злосторства во Тигра, вклучително и „систематско сексуално насилство врз жени и девојчиња“.

Комесарката Радика Кумарасвами рече дека присуството на еритрејските војници во Етиопија не само што покажува „вкоренета политика на неказнивост, туку и дека владата на земјата континуирано ја поддржува и толерира таквата злоупотреба“.

„Убиени се цели семејства, роднините се принудени да гледаат ужасни злосторства врз нивните најблиски, додека цели заедници се раселени или протерани од своите домови“, рече таа.

Цитирајќи ги проценките од седум здравствени центри само во Тигра, комисијата соопшти дека повеќе од 10.000 преживеани од сексуално насилство побарале лекарска помош од почетокот на конфликтот до јули оваа година.

Извештајот на експертите е објавен во време на неизвесност за идната работа на тимот истражители, бидејќи Советот за човекови права на ОН треба да одлучи на почетокот на октомври дали да го продолжи нивниот мандат, додека етиопската влада на премиерот Абија Ахмед сака тоа да не се случи.