ОН: Повеќе од 4.400 цивили убиени во Украина

Од почетокот на руската инвазија во Украина убиени се 4.452 цивили, а ранети се 5.531 лице, објави вчера Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР), јавува Радио Слободна Европа. Бројот на жртви од 24 февруари вклучува 280 деца, додека 459 се повредени.

Повеќето смртни случаи и повреди се резултат на употребата на експлозивно оружје, вклучувајќи гранатирање и ракетни и воздушни напади, соопшти Канцеларијата на високиот комесар.

Во соопштението се наведува дека реалните бројки се значително поголеми од пријавените, како и дека допрва треба да се потврди бројот на жртви од областите каде се водат жестоки борби.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 27 мај изјави дека околу 12 милиони луѓе се раселени поради војната во Украина, а дека околу 5.5 милиони луѓе ја напуштиле земјата.

Москва негира дека цели на цивили и ја нарекува инвазијата „специјална воена операција“ за разоружување на Украина и ослободување од антируските националисти кои се поттикнати од западот. Украина и западот велат дека тоа е лажен изговор за водење неиспровоцирана војна.

ОН претходно наведе дека руските активности во Украина, вклучително и егзекуцијата на цивили, може да се класифицираат како воени злосторства.