ОН предупредува на „трикратна криза“ на Денот на планетата Земја

Земјата се соочува со „трикратна планетарна криза“, климатски пореметувања, губење на природата и биодиверзитетот и загадување и отпад, предупредија Обединетите нации (ОН).

„Оваа трикратна криза се заканува на благосостојбата и опстанокот на милиони луѓе ширум светот. Основите на среќен и здрав живот се чиста вода, свеж воздух и стабилна и предвидлива клима – сето тоа е нарушено, загрозувајќи ги целите за одржлив развој“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во видео порака на Денот на планетата Земја.

Гутереш рече дека сепак има надеж и потсети дека пред 50 години во Стокхолм, светот се собра на клучната конференција за животната средина од која започна глобалното климатско движење.

Денот на планетата Земја се одбележува на 22 април ширум светот, а оваа година темата е „Инвестирајте во нашата планета“, со акцент на борбата против климатските промени и ублажувањето на последиците од нив.

Европската Унија (ЕУ) соопшти дека Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година во согласност со Европскиот зелен план.

„Нашата посветеност – климатски неутрален континент до 2050 година. Со нашиот Европски зелен план, инвестираме во нашата планета за да се бориме со ефектите од климатските промени. Секој напор е важен“, напишаа од Европската комисија на Твитер.

https://twitter.com/EU_Commission/status/1517390244609355778

Денот на планетата Земја официјално се одбележува од 1992 година, кога за време на Конференцијата на ОН за животна средина и развој во Рио де Жанеиро, на која присуствуваа голем број владини и претставници од невладини организации, беше координирана далекусежна програма за промовирање на одржлив развој.

На предлог на боливиската влада, во 2009 година Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 22 април за Меѓународен ден на планетата Земја. Денеска овој ден се слави во 190 земји во светот.