Концентрацијата на јаглерод диоксид и други стакленички гасови во атмосферата повторно достигна рекордно ниво во 2020 година, објави Светската метеоролошка организација, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Во овогодишниот извештај за атмосферските гасови што ја задржуваат топлината, метеоролошката агенција на Обединетите нации (ОН) наведе дека концентрациите на јаглерод диоксид достигнале нов рекорд минатата година и пораснале со побрзо темпо од годишниот просек во последната деценија, и покрај привременото намалување за време на карантинот предизвикан од пандемијата.
Концентрациите на јаглерод диоксид, метан и азотен оксид, гасови кои предизвикуваат глобално затоплување, се наведува дека биле над нивоата во прединдустриската ера, односно во 1750 година кога човечките активности „почнале да ја нарушуваат природната рамнотежа на Земјата“.
Извештајот е објавен неколку дена пред почетокот на конференцијата на ОН за климатски промени во Глазгов.
Многу еко-активисти, креатори на политики и научници велат дека КОП26 кој се одржува од 31 октомври до 12 ноември означува важна, па дури и клучна можност за конкретни заложби за целите поставени во Парискиот климатски договор од 2015 година.