Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) соопшти дека шест од нејзините вработени се убиени во воздушен напад од Израел врз едно од училиштата во центарот на Газа, пишува „Би-Би-Си“.
Потпаролот на цивилната одбрана на Газа, Махмуд Баса изјави дека 18 луѓе се убиени во нападот врз училиштето „Ал Џауни“ во кампот Нусејрат кој се користи како засолниште за илјадници раселени Палестинци.
Израелската војска изјави дека извршила „прецизен напад врз терористите“ кои планирале да нападнат од училиштето и дека презела мерки да избегне напад врз цивилите.
Генералниот секретар на ОН, Антониот Гутереш на социјалната мрежа Х напиша дека нападот претставува „драматично нарушување на меѓународното хуманитарно право“.
УНРВА соопшти дека нападот го означил најголемиот број загинати меѓу вработените во ОН од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври лани. Оттаму кажаа дека ова е петти пат објектот на училиштето да биде нападнат во последните 11 месеци.
Во јули, наводно беа убиени 16 луѓе во напад за кој израелската војска соопшти дека целел на неколку структури на училиштето во кои според нив имало војници на Хамас.
Хамас, што Израел, Обединетото кралство и другите држави ја опишуваат како терористичка организација, ги негираше обвинувањата дека ги користи училиштата и други цивилни локации за воени цели.
Израелскиот амбасадор во ОН, Дени Денон се огласи по критиката на Гутереш за нападот и напиша дека е „несовесно што ОН продолжува да го осудува Израел во неговата праведна војна против терористите“.
Израелските сили лансираа кампања да го уништат Хамас како одговор на неочекуваниот напад во јужниот дел од земјата што Хамас го направи на 7 октомври и во кој беа убиени 1.200 луѓе, а 251 беа киднапирани како заложници во Газа.
Оттогаш, според Министерството за здравство предводено од Хамас во Газа се убиени поеќе од 41.080 луѓе.