Насилното задушување на мирните протести и дискриминацијата на жените и девојките во Иран се сериозни прекршувања на човековите права, а некои доведоа до злосторства против човештвото, заклучи мисијата на ОН за проверка на факти, пренесува Ал Џазира Балканс.
Во септември 2022 година во Иран се случија масовни протести по смртта 22-годишната Махша Амини, која беше уапсена поради наводно кршење на строгиот кодекс на облекување за жените.
Бесот поради нејзината смрт брзо се прошири на неколкунеделни протести кои ја предизвикаа власта под водство на врховниот водач ајатолахот Али Хаменеи.
Во ноември 2022 година, Советот за човекови права на ОН започна истрага на високо ниво за смртоносното задушување на протестите.
Во својот прв извештај, независната меѓународна мисија за проверка на факти за Иран се наведува дека многу од откриените прекршувања „се злосторства против човештвото – особено убиствaта, затварањата, мачењето, силувањето и други форми на сексуално насилство, прогонство, присилни исчезнувања и други нечовечни дела“.
Таму се додава дека извршувањето на ваквите злосторства, во контекст на негирање на основните права и нанесени со дискриминаторска намера, „ја води мисијата до заклучок дека е сторено злосторство против човештвото“.
„Овие акти се дел од широко распространет и систематски напад насочен против цивилното население во Иран, односно против жените, девојчињата, момчињата и мажите кои бараа слобода, еднаквост, достоинство и одговорност“, рече Сара Хосеин, која претседава со тричлената комисија на ОН.
„Ја повикуваме владата веднаш да ја прекине репресијата на оние кои учествуваа во мирните протести, особено над жените и девојчињата“, додаде таа.
Наместо да спроведе соодветна истрага за смртта на Амини, Техеран „активно ја прикриваше вистината“, соопшти мисијата.
Мисијата наведе дека луѓе „кои само танцуваа“ или свиреа со своите автомобили биле уапсени, додека стотици деца, некои на возраст од десет години, исто така биле приведени.
Дополнително, мисијата на ОН истакнува дека иранските безбедносни сили употребиле непотребна и непропорционална сила, што резултурали со незаконски убиства и повреди на демонстрантите кои не претставувале непосредна закана.
Веродостојните податоци, како што се наведува, покажуваат дека безбедносните сили убиле дури 551 демонстрант, вклучително и најмалку 49 жени и 68 деца, соопшти мисијата, а повеќето од смртните случаи биле предизвикани од огнено оружје.