ОН: Талибанските закони за жените даваат вознемирувачка визија за Авганистан

Авганистанските талибански владетели минатата среда го издадоа првиот сет на закони „за спречување на пороци и промовирање на доблест“, кои вклучуваат барање од жените да го кријат своето лице, тело и глас надвор од домот.

„Новите закони на талибанците даваат ‘вознемирувачка визија’ за иднината на Авганистан“, рече Роза Отунбаева, шефицата на мисијата на Обединетите нации (ОН) за таа земја, а пренесува Ал Џазира Балканс.

Отунбаева изјави дека законите ги прошируваат веќе неподносливите ограничувања на правата на жените и девојчињата, при што дури и звукот на женскиот глас надвор од домот очигледно се смета за повреда на јавниот морал.

Законите му даваат овластување на Министерството за пороци и доблест да го регулира личното однесување и да наметнува казни како што се предупредувања или апсења доколку неговите вработени утврдат дека некој ги прекршил законите. Мисијата на ОН соопшти дека го проучува новоратификуваниот закон и неговите импликации за Авганистанците, како и неговото потенцијално влијание врз ОН и хуманитарната помош.

Отунбаева треба да поднесе извештај до Советот за безбедност за ситуацијата во Авганистан на 18 септември, точно три години откако талибанците го забранија образованието на девојчињата по шесто одделение.

Талибанските функционери не можеа да бидат контактирани за коментар, но во изјавата што ја пренесе државната телевизија РТА, заменик министерот Мохамед Калед Ханафи рече дека никој нема право да ги крши правата на жените врз основа на несоодветни обичаи.

„Ние сме посветени да ги обезбедиме сите права на жените засновани на исламскиот закон и секој што има жалба во овој поглед ќе биде сослушан“, додаде тој.

Врховниот водач на талибанците Хибатула Ахунџада минатата година рече дека на жените во Авганистан им е дозволен „удобен и просперитетен“ живот, и покрај декретите со кои им се забранува влез на многу јавни места, образование и повеќето работни места.

ОН претходно соопштија дека официјалното признавање на Талибанците како легитимни владетели на Авганистан е речиси невозможно се додека остануваат на сила ограничувањата за жените и девојчињата. Иако ниту една земја не ја признава талибанската влада, многумина во регионот имаат врски со нив.