Загадувањето од државите и компаниите придонесува за повеќе смртни случаи на глобално ниво од КОВИД-19, се вели во еколошкиот извештај на Обединетите Нации, повикувајќи на „итна и амбициозна акција“ за забрана на некои отровни хемикалии, пренесува Гласот на Америка.
Во извештајот се вели дека загадувањето од пестициди, пластика и електронски отпад предизвикува широко распространето кршење на човековите права и најмалку 9 милиони предвремени смртни случаи годишно, и дека ова прашање во голема мера се занемарува.
Пандемијата на коронавирус предизвика близу 5,9 милиони смртни случаи, според агрегаторот на податоци Worldometer.
„Сегашните пристапи за управување со ризиците од загадувањето и токсичните материи очигледно не успеваат, што резултира со широко распространето кршење на правото на чиста, здрава и одржлива животна средина“, заклучува авторот на извештајот, специјалниот известувач на ОН, Дејвид Бојд.
Документот треба да биде претставен следниот месец пред Советот за човекови права на ОН, кој ја прогласи чистата животна средина за човеково право, документот беше објавен на веб-страницата на Советот во вторникот.
Со него се бара забрана на полифлуороалкил и перфлуороалкил, вештачки супстанции кои се користат во производите за домаќинството, како што се нелепливи садови за готвење кои се поврзани со рак и наречени „трајни хемикалии“ бидејќи не се распаѓаат лесно.
Документот, исто така, бара чистење на загадените локации и, во екстремни случаи, можни преселби на погодените заедници – многу од нив сиромашни, маргинализирани и домородни – од таканаречените „жртвени зони“.
„Она што се надевам дека ќе го направам со раскажување на овие приказни за жртвени зони е навистина да ставам човечко лице на овие инаку необјасниви, неразбирливи статистики (за бројот на жртви од загадувањето)“, рече Бојд.
Хемискиот отпад треба да биде дел од преговорите на конференцијата за животна средина на ОН во Најроби, Кенија, која ќе започне на 28 февруари, вклучително и предлог за формирање на посветен панел, сличен на Меѓувладиниот панел за климатски промени.