Обединетите нации (ОН) ја започнаа заедничката програма „Од знаење и вклучување – до оспособување и учество“ за да се подобри капацитетот на организациите на лицата со попреченост, владата, давателите на услуги и агенциите на ОН и заеднички да придонесат кон успешното спроведување на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (CRPD). Програмата има за цел и да посредува за поголема инклузивност на лицата со попреченост во националните развојни и хуманитарни планови, буџети, јавни политики и процеси на следење.
Заедничкиот пристап на ОН беше осмислен врз основа на новите докази и клучни препораки што произлегоа од ситуационата анализа на правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, што беа претставени денеска.
„Тимот на Обединетите нации во земјата сесрдно го поддржува спроведувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (CRPD), и начинот на кој се следи, што е од пресудна важност за инклузивниот и одржливиот развој на земјата. Ќе работиме да ја намалиме нееднаквоста и исклучувањето на лицата со попреченост со тоа што ќе ги поддржуваме организациите на лицата со попреченост и организациите на граѓанското општество што ги претставуваат најмаргинализираните групи за да се залагаат за нивно учество во кроењето јавни политики и развој на национално ниво и во процесите на донесување одлуки на локално ниво. Исто така го поддржуваме нивното вклучување во следењето на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и во Целите за одржлив развој“ изјави Росана Џуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија.
Заедничката програма, финансирана од мулти-партнерскиот труст-фонд на партнерството на ОН за правата на лицата со попреченост (UNPRPD MPTF), претставува единствена соработка која ги спојува субјектите на ОН, владите, организациите на лицата со попреченост и поширокото граѓанско општество за да ги промовираат инклузивните цели на одржлив развој на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (CRPD).
Програмата ќе ја спроведуваат Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Фондот за популација на Обединетите нации (УНФПА) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), при што Канцеларијата на постојаниот координатор на ОН ќе биде задолжена за општата координација.
„Во однос на стратешките определби, сакам да најавам дека покрај Стратегијата за Деинституционализација која успешно се спроведува, Владата на РСМ заедно со Министерството за труд и социјална политика веќе отпочна со развој на нова Национална стратегија за попреченост во која учество земаат сите надлежни министерства, но и граѓански организации, самите лица со попреченост, почитувајќи го принципот „ништо за нас без нас“, изјави Јована Тренчевска, министерката за труд и социјална политика.
Министерката нагласи дека со анализата на ситуацијата бездруго ќе се насочи земјата во поглед на јавните политики во иднина и во однос на унапредувањето на правата на лицата со попреченост согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
„Направен е голем исчекор во поглед на вклучување на децата со попречености во училиштата, но сѐ уште има уште многу работа. Особено се гордеам со фактот што бројот на ученици со попречености во основните училишта се зголеми за 4,5% во споредба со училишната 2019/2020 г., но може да се постигне уште повеќе. Со секое ново дете со попреченост што се запишува во редовните училишта ги рушиме стереотипите. И тие, како и сите други, можат да имаат независен живот“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
Aнализата покажа дека лицата со попреченост немаат доволно сознанија за националниот напредок во поглед на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, но и во однос на Целите за одржлив развој. Освен тоа, организациите што ги застапуваат се во суштина исклучени од процесите на донесување одлуки кои не ги засегаат директно. Недоволното познавање, информации и обука на лицата кои сносат одговорност, во комбинација со крутиот модел на испорака на услуги, се главните пречки за повеќето лица со попреченост да ги остварат своите права според Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
Низ призмата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (CRPD), анализата ги идентификува главните тесни грла и предизвици кои ги спречуваат лицата со попреченост да ги остварат своите основни човекови права.
За да се надминат овие предизвици, со анализата се препорачува: промовирање на социјален модел на проценка на попреченоста наспроти медицинскиот пристап кој е доминантен, промовирање на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост на сите општествени нивоа за да се сменат перцепциите и ставовите на општеството кон попреченоста, како и подобрување на пристапот до јавните простори, инфраструктурата, информациите и услугите. Се подвлекува и важноста на инклузијата на лицата со попреченост во средното и високото образование, на тоа да им се овозможи на лицата со попреченост да живеат независно преку промени во системот, и да има доследни, споредливи и расчленети статистички податоци за лицата со попреченост.
Повеќе информации можат да се добијат на следниов САЈТ.