Обединетите нации (ОН) соопштија дека по воениот удар во Мјанмар и конфликтот меѓу армија и групата која се противи на пучот, но и поради економските последици, потребна е помош за околу милион луѓе, пренесува „Н1“.
Во извештајот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарната помош наведени се податоци за состојбата во областите погодени од конфликтот во Мјанмар, по воениот удар извршен на 1 февруари.
Таму се вели дека во областите на југоистокот на Мјанмар досега се раселени повеќе од 160.400 лица, од кои околу 100.000 се цивили во областа Кајаха.
Исто така се истакнува дека поради безбедносните тензии, не може да им се доставува помош на цивилите во шумските и планинските области.
Во државата Качин во Мјанмар, каде често има судири поради нападите на војската, раселени се најмалку 11.654 лица, во Шан пак се раселени 15.271 лице, додека во Чин околу 19.500 лица.
Армијата на Мјанмар изврши државен удар на 1 февруари и ја презеде власта во земјата по изговор дека изборите одржани на 8 ноември минатата година биле нерегуларни. Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси владините лидери, вклучувајќи ја и политичарката Аунг Сан Су Чи.
Масовните протести почнаа на 6 февруари, а во интервенциите на армијата, досега загинаа најмалку 865 лица. Демонстрациите и понатаму продолжуваат во земјата, а сослушувањата на високи функционери кои се лишени од слобода продолжија пред воениот суд.