Одговорност и вистина. Да се направат детални испитувања и длабински да се прочешлаат историите. Дали е веќе формирана и кои профили на доктори се во составот? Листа на лекови – дали станува збор за венска и таблетарна терапија? Колку години наназад се случува ова? По случаен избор да се одберат онколошки пациенти кои ќе имаат континуиран увид во истрагата и од истрагата ќе сведочат за веродостојноста. Сакаме во истрагата да бидат вклучени претставници од сите партии за да не се заврши ова со коментарот „Политика“.
Ова се барањата на онколошките пациенти кои денеска објавија дека биле на средба во Основното јавно обвинителство. Биле примени од Гаврил Бубевски, основен јавен обвинител на ОЈО, Ана Гоговска, надлежен јавен обвинител за предметот, Билјана Арсовска, советник-портпарол на Јавното обвинителство.
„Бевме, разговаравме, се обидовме да ги пренесеме сите ваши стравови, маки и проблеми, барем оние кои ние ги знаеме. Посочивме кои лекови ние знаеме дека недостасуваат на онкологија и кои недостасувале во минатото (од вас пациентите кои не сте ги примиле) посочивме дека истрагата мора да биде длабока, детална и да се врати години наназад“, информираа онколошките пациенти.
Од ОЈО им било кажано дека на предистрагата работат двајца јавни обвинители, исто времено поради обемот и сериозноста на случајот.
„Добивме апел кој треба да го слушнат сите онколошки пациенти, не молчете сега е вистинскиот момент да ја кажете вашата приказна, вашата мака. Отворено ве повикуваме! Не се плашете, немате од што! Придружете ни се дојдете на следната средба споделете ја вашата приказна, дадете личен допринос, воедно ќе им помогнеме и ним да ја вршат истрагата. Или истото направете го на следниот телефон 076/304-872 на овој телефон ке бидат запишани вашите податоци по што ќе ве контактира јавен Обвинител или преку електронска пошта osnovnojavnoobvinitelstvo.skopje@jorm.mk. Ве молиме правете го тоа масовно сите кои имате и сакате оваа истрага да има вистинска разрешница, да имаме крај на се ова што се појави во јавноста како информација дека се случувало на Онколошката клиника. Се гледаме вечер во 19 часот пред ОЈО“, соопштија тие.