Во рамките на кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, граѓанската организација „Младите можат“ започна со спроведување онлајн анкета наменета за средношколците од целата држава. Анкетата ќе трае еден месец, а главната цел е се чујат мислењата и ставовите на средношколците за тоа каква е нивната визија за идеалната училишна средина.
„Преку анкетата сакаме да дознаеме како треба да изгледа едно училиште кое активно се грижи за менталното здравје и благосостојба на учениците. Оваа анкета ќе нѝ помогне да ги разбереме потребите на младите и да предложиме конкретни решенија и препораки до надлежните институции како Министерството за образование, Бирото за развој на образованието и други релевантни тела“, изјави Филип Ивковски, програмски координатор во „Младите можат“.
Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ ќе опфати повеќе активности насочени кон подигнување на свеста за менталното здравје кај младите, да ги поттикне учениците отворено да зборуваат за своите проблеми и предизвици, но и средните училишта да работат повеќе во насока на обезбедување поддршка за своите ученици.
„Менталното здравје на средношколците е важно прашање кое не смее да биде табу тема. Како заедница, мора да создадеме услови во кои младите ќе се чувствуваат поддржани и охрабрени да се грижат за своето ментално здравје, а средните училишта ќе прераснат во инклузивни средини кои се грижат за благосостојбата на учениците од сите аспекти“, велат од Младите можат.
Анкетата ќе биде достапна онлајн, што ќе овозможи секој средношколец да учествува и да го изрази своето мислење за односот со соучениците, професорите, поддршката од класниот раководител и училишниот психолог, но и да даде свои идеи за подобрување на состојбите во училиштата. Одговорите од анкетата ќе се употребат во политиките и стратегиите за подобрување на образовната средина.
Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ се спроведува во рамки на проектот „Практикувај демократија“ на Фондацијата за демократија на Вестминстер, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.