Културно-социјалниот простор Центар-Јадро утре, на 25 април од 19:30 часот организира онлајн дискусија со Исток Ј. Улчар за поврзаноста на рапот со поезијата и обратно.
Во излагањето на Улчар, како што соопштуваат организаторите, ќе се зборува за поврзаноста на поезијата со музичкиот жанр рап, за развојот на овој спој и за состојбата на овие две уметности денс, во светот и кај нас.
„Денес, многу писатели и академици внимателно ја изучуваат хип хоп културата и рап музиката како нова форма на литература. Форма која и дава нови можности за развој на пишаниот збор, но и форма која се разликува од најпрестижните форми на современата поезија. Но, какви сличности и разлики постојат помеѓу рапот и поезијата? Дали воопшто треба да има ваква споредба? И дали именувањето на рапот како поезија во суштина е желба да се воздигне нејзиниот статус и да се обрне внимание на нејзиниот квалитет? Еден од најгласните застапници на ова теза, е раперот Џеј Зи кој во интервју по повод неговата книга од 2001 година Дешифрирано вели: ‘Се надевам дека читателите на оваа книга ќе запаметат дека рапот е поезија. Никогаш не слушате како раперите ги споредуваат со најголемите писатели на сите времиња. Го слушате тоа за Боб Дилан, но исто така е и Notorious B.I.G на еден Хичковски начин’“, стои во најавата за настанот.
Дискусијата ќе може да се проследи на Фејсбук страницата на центарот, а по дискусијата, публиката ќе може да учествува со свои коментари и прашања.