Повеќе онлајн медиуми во Албанија, како dosja.al, syri.net, faktor.al, SportExpress, Lapsi.al и други, пријавиле сајбер-напади поради кои им се нарушило секојдневното работење, апелираат од мрежата на новинарски здруженија „SafeJournalists“.
Според нив нападите започнале од понеделник, 24 јануари, а онлајн редакциите тврдат дека овие сајбер-напади наводно се нарачани од градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
„Овие медиуми објавија аудио снимка на која Велиај користи закани и непристојни зборови за да го избере неговиот човек за шеф на фудбалското раководно тело на земјата. Тие тврдат дека овие сајбер-напади се поврзани со нивните постојани критики кон Владата и градоначалникот Велиај. Досега градоначалникот прифати дека аудиоснимката е автентична, но не се изјасни за сајбер-нападите“, велат од „SafeJournalists“.
Од мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, велат дека се загрижени за тие напади, кои велат дека изгледаат како многу добро координирани.
„Ги повикуваме надлежните органи да иницираат брза и сеопфатна истрага за сите напади што се случија во претходните неколку дена. Од особена важност е да се истражи кој стои зад овие напади и евентуално да се отстрани сомнежот дека медиумите во моментов го упатуваат градоначалникот Велиај. Очекуваме целосна транспарентност на истрагата и следење во однос на конкретните мерки што треба да се преземат“, стои во соопштението на Мрежата.
Мрежата вчера ги повикала координаторите за пристап до информации на Обвинителството и Директоратот на полицијата во Албанија да дознаат дали е покрената истрага, но досега не биле дадени одговори од страна на надлежните органи.
„Дигиталната безбедност на онлајн медиумските портали и нивниот персонал е од клучно значење. Важно е медиумите да ги пријават овие напади до властите, кои од друга страна мора да обезбедат соодветна истрага и транспарентност. Исто така, важно е да се развијат капацитетите и инфраструктурата на медиумите во однос на дигиталната безбедност“, посочува Блерјана Бино, истражувач на ,,SafeJournalists” мрежата во Албанија.