Онлајн наставата и државната помош за млади меѓу главните забелешки на Народниот правобранител во 2020 година

Прекршување на правата на децата преку неинклузивниот пристап до образование, прекршување на правата на студентите во пандемијата, но и некоординираноста на правосудните органи, се меѓу главните забелешки на Народниот правобранител Насер Зибери. Тој денеска го презентираше редовниот Годишен извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2020 година.

„Во овој период посебно беа на удар правата на децата и најочигледна беше промената на начинот на изведување на наставата, физичко присуство кое премина во онлајн наставна предизвика сериозни проблеми кај децата, често талкање по мрежите, отсуство на сооодветна опрема за следење на наставата, отсуство на електрична енергија поради неплаќање на сметките од страна на граѓаните и исклучување од страна на ЕВН и недоволен интернет во домовите сериозно се одрази на наставата и во образовно воспитниот процес во земјата. Ова особено се одрази кај децата со попречености, кој скоро целосно беа исклучени од можности за следење на наставата“, изјави правобранителот, додавајќи дека веќе се обратиле до Министерството за образование за отстранување на пречките и да се овозможи целосен опфат на децата во образовниот процес.

Тој додаде дека намерата на државата да им помогне на децата и студентите со финансиско-економска помош, за жал за еден број се претворила во вистинска голгота.

„Тоа посебно беше изразено кај студенти на Правниот факултет „Јустинијан Први“, но не се само тие. Од преставките до Народниот Правобранител заклучено е дека се повредени правата на студентите и учениците. За жал по поднесените приговори од страна на студентите, Генералниот секретаријат на несоодветен начин одговорил на претставките. На претставките одговорено е шаблонски,  без притоа да се анализира секоја преставка и соодветно да се одговори. Во одговорите на Генералниот секретаријат на Владата, најчесто е одговорено со една реченица дека не се исполнети условите за користење на ова право, без притоа да се докаже со факти и аргументи зошто е тоа така и без правна пка каде да го бараат решението и да ја обжалат одлуката“, изјави правобранителот.

Тој на денешната прес-конференција за извештајната 2020 година, како дополнителни проблеми при почитувањето и унапредувањето на човековите права и слободи ги посочи и намалениот број претставки на граѓаните во време на пандемија, проблемите при дејноста на извршителите, работничките права и состојбите на лицата лишени од слобода.

Така, во 2020 година биле доставени 2448 претставки, а Народниот правобранител постапил по 2931 претставки, делумно донесени и во 2019 година.  Во 2019 година, бројот на доставени претставки бил дупло поголем, односно 4705 претставки, додека во 2018 година бројката била слична.

„Се чувствува намалување на претставките од граѓаните, тие беа препопловени. Тоа не е резултат на подобрувањето на квалитетот и заштитата на на слободите правата на граѓаните, туку резултат на пандемијата, што доведе граѓаните да не се упатуваат до Народниот правобранител и да не донесуваат претставки за повредување нивните слободи и права“, рече тој.

Правобранителот нагласи дека оваа година посебен фокус бил ставен на правата на лицата лишени од слобода, истакнувајќи дека установите биле повикани да ги преземат сите потребните мерки за да го заштитат здравјето на овие лица, чија состојба била надгледувана преку неколку посети на затворите и воспитно поправните домови. Потенцираше дека оваа година имало голем број на претставки во доменот на правосудството,  односно дека доминантно место заземаат претставките и поплаките во однос на постапувањето на извршителите.

„Од вкупниот број, 406 претставки поднесени до Народниот правобранител во 2020 година, дури 195 односно 50 отсто од претставките се однесуваат на работата на извршителите, по повеќе основи и тоа блокирање на сметките, во однос на извршување на решенијата за симнување на паричните средства,  во однос на продирање на личните финансии на загрозените граќани како што се минималната плата, социјална помош и други примања, кои се гарантирани по закон дека извршителите не смеат да ги извршуваат“, истакна правобранителот.

Тој се надоврза дека голем број на претставки и во областа на работните односи, односно дека се поднесени 208 претставки во делот на исплатата на плати и надоместоци, кој биле резултат на ефектите од пандемијата.

„Тука не изостануваат претставките во однос на социјалата, и овој број е сериозен дури 142 претставки. Причината за ова е неможноста за остварување на гарантираната минимална помош врз основа на трајни промени на здравствената состојба на граѓаните. Ова е резултат на нефункционирањето на соодветните комисии за проценка на ваквата состојба. Оваа состојба и по однос на социјалното и по однос на пензиското осигурување станува алармантна. Народниот правобранител упатува сериозен повик до надлежното министерство и другите органи да овие институции да бидат во функција и да не се претвораат во кочница при остварување на правата на граѓаните“, изјави правобранителот Зибери.

Тој забележа дека во областа на социјалната заштита имало и проблем во соработката на органите, во поглед на одлучувањето за жалбите. Проблемите остануваат и кај затворите, односно лошата исхрана, несоодветната здравствена заштита, како и ресоцијализацијата се сериозни забелешки на Народниот правобранител.

„Иако минатата година се отвори домот за штитеници во Тетово, не се решија проблемите за сместување на децата штитеници,  бидејќи не се обезбеди соодветен воспитно образовен процес. Заостанува и делот на соодветна здравствена заштита, во овој дом е вработена само една медицинска сестра, иако на повик доаѓаат лекари, но е недоволно“, забележа тој.

Како други сериозни проблеми во извештајот за 2020 година, Зибери ги посочи и проблемите на граѓаните кои иако се родени по стекнување на независност на државата, се уште немаат свое државјанство,  но и проблемите кои ги имаат граѓаните во вадење на изводи. Додаде дека иако Управата за водење на матичните книги го дигитализирала овој процес, во праксата тој се покажал како нефункционален.

И.С.