Здружението за трчање, пливање, велосипедизам, дуатлон и триатлон „091РАНКРУ“ – Скопје преку онлајн петиција бара да не дозволи целосно затворање на Кејот на Вардар, во Карпош, на локацијата каде е предвидено изградба на мост, бидејќи, според нив, таквото затворање ќе го спречи движењето и спортувањето на граѓаните.
Градскиот кеј и неговите патеки се главно место за рекреација на голем дел од луѓето кои живеат во Скопје. Трчање, возење велосипед, пешачење, одење на работа со велосипед и тротинет се само дел од секојдневните активности на повеќе илјади луѓе на ова наше драго место. Во населбата Карпош, на потегот кај Карпата започнува изградба на сообраќаен мост кој ќе ги поврзува двете страни на реката Вардар и кој ќе претставува брза врска помеѓу Карпош, на една страна и Бардовци и Злокуќани на друга. Во целост ја подржуваме иницијативата за изградба на овој мост. Сепак, целосно затворање на кејот ќе нѐ спречи сите нас да ги извршуваме нашите секојдневни активност на подолг временски период, период од неколку години. Ние, како здружение на кое едни од главните цели му се промоција и развој на трчањето, активација на своите членови како и сите граѓани, а особено младите за активен спортски живот, сакаме да понудиме решение каде и покрај градежна зона, Кејот во целост нема да не биде затворен и ќе функционира. Предлог решението е да се постави заштитен тунел од проодни контенери во должина од 200 метри, од едната до другата заштитна ограда, која веќе е поставена на патеката. Ова решение за заштита на градилишта се практикува насекаде во светот и е доста практично и безбедно“, велат од Здружението „091РАНКРУ“.
Петицијата засега има скоро над 340 потписи, а од Здружението ги повикуваат сите кои ја поддржуваат оваа идеа, да ја пополнат оваа петиција.
Тие најавуваат дека по завршување на процесот, петицијата ќе биде доставена до градоначалникот и Советот на Град Скопје.