Иницијативата „Гласот на средношколците“ отвори онлајн петиција со која како што посочуваат, се стремат кон разрешување на хаосот настанат со полагањето на матурата оваа учебна година.
Преку неа, тие бараат промена на полагањето на матурата и законот за упис во високо образовните институции, а за тоа им е потребна поддршка од 10 000 валидни потписи. Оттаму истакнуваат дека право на потпишување на петицијата имаат сите граѓани со право на глас.
„Со овој закон, доколку добие поддршка ќе се разрешат образовните, економските и граѓанските спорови кои настанаа со ковид ситуацијата, кои наштетија на образовниот систем и воедно полагањето на матурата. Како предлог за одложување/незадолжителност на државната матура оваа година и следните години ќе резултира со намалување на ризикот на изложеност на ковид вирусот, со намалување на финансиските средства за полагање на матурата (кои иситите може да се принаменат во ресорите здравство или социјална политика каде се моментално понеопходни, да се спречат негативните ефекти од пандемијата и со тоа да се спасат повеќе човечки животи)“, стои во петицијата.
Сојузот на средношколци, пак, најавија од денеска бојкот на наставата доколку не се исполнат нивните барања во однос на државната матура.
Тие бараат Министерството за образование и наука (МОН) да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат, од четири предмети, тие предлагаат учениците да полагаат два предмети, односно, првиот предмет да биде задолжителен мајчин јазик, македонски, албански, турски, додека вториот предмет да биде по избор на ученикот. Дополнително, тука ја вбројуваат и проектната задача.
Истовремено, тие бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март да објават и презентираат план и програма, за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испити.
Од „Гласот на средношколците“ велат дека групата нема да учествува активно во бојкотот, но секој од нивните членови може засебно да го поддржи.