Иницијативата „Млади за Македонија“ започна онлајн петиција со име „Граѓанска иницијатива за укинување на покачувањето на струјата и намалување на ДДВ на 5%“.
Во петицијата стои дека граѓаните се револтирани на покачувањето од 7,4% за електричната енергија и вознемирени од последиците врз цените на производите и услугите во Македонија.
„Бесни поради континуираното осиромашување на народот и државата од страна на странските монополи, загрижени за нашите сограѓани кои поради актуелната пандемија нема да можат да ги покријат своите сметки за електрична енергија и поскапите намирници, имајќи ги во предвид платите во Република Македонија, кои се едни од најниските во Европа, со надеж дека ќе го подобриме животниот стандард на народот, ја покренуваме оваа електронска Граѓанска иницијатива“, стои во онлајн петицијата.
Како прво барање е итно укинување на одлуката на Регулаторната комисија од 31 јули за покачувањето на струјата за 7,4%. Второ, намалување на данокот на додадена вредност за електричната енергија за домаќинствата од сегашните 18% на 5%.
„Трето, укинување на висиката тарифа на цената на електричната енергија. Четврто, формирање на засебен фонд за покривање на сметките на лицата со финансиски потешкотии, кој фонд ќе биде финнасиран од профитот на ‘универзалниот снабдувач со електрична енергија’ ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје. Петто, законско решение за загарантиран откуп на електричната енергија од фотоволтаици произведена од домаќинствата и нејзин откуп во сооднос 1:1“, се вели во онлајн петицијата.
Барањата се до Регулаторна, Собранието, Министерството за економија, Владата и Претседателот.