Словенечкиот куратор Тевж Логар ќе одржи предавање на тема „неколку белешки за партиципативноста“ во чии рамки ќе говори за историјата на партиципативната уметничка пракса како и за стратегиите што се користат при реализацијата на овој вид на уметнички дела.
Предавањето ќе се одржи на 1 април, а истото ќе може да се проследи преку Фејсбук страната на КСП Центар-Јадро.
„Уште од почетоците на појавата на партиципативната уметничка пракса се покренаа прашањата во врска со поимите за оригиналноста и авторството како и конвенционалните претпоставки за уметничкиот објект и улогата на гледачот. Како реакција на социјалното раслојување и комодификацијата на уметничкиот систем, уметниците започнаа да развиваат нови форми на политичка, реакционерна и социјално ангажирана пракса во широк спектар на медиуми, понекогаш целосно дематеријализирани, како перформанси, работилници, настани, публикации и просторни интервенции со вклучување на публиката, при што значењето на делото беше изведено од колективниот ангажман на учесниците“, наведува Логар во најавата за неговото предавање.
Тој додава и дека денес, партиципативната уметност се сфаќа како поим кој опфаќа широк спектар на уметнички практики што може да се дефинираат преку важноста на учеството, социјалниот ангажман, интеракцијата, социјалните мрежи и политички ангажираните процеси како централен интерес на уметничкото дело кое се оддалечува од парадигмата дека уметничките дела се дефинираат како стокови производи.
Предавањето на Логар е прво од серијата настани во рамки на проектот за реализација на партиципативен уметнички проект во организација на Центар-Јадро.
Тевж Логар (1979) работи како независен куратор, уредник и автор на теориски текстови и соработува со разни галерии и институции. На 58-то биенале во Венеција во 2019 година, тој соработувал со Павилјонот на Република Северна Македонија како кустос консултант и Павилјонот на Република Косово како автор на теориски текст објавен во каталогот .
Од 2009 до 2014 година, бил уметнички директор на галеријата Шкуц во Љубљана, Словенија и предавач по Историја на уметноста на 20 век, на Академијата за визуелни уметности (AVA) во истиот град. Автор е на сценариото за документарецот „Project Cancer: Ulay’s journal from November to November“ (2013 година) и е ко-основач на Фондацијата Улај (2014) во Амстердам, каде што е член на советодавниот одбор. Во 2014 година е номиниран за наградата Gerrit Lansing Independent Vision Award (Independent Curators International) во Њујорк. Живее во Риека, Хрватска.
Во најавата за настанот искористено е дело од циклусот Ovojeizam / Thisisism, 1970 – 1981 година од хрватскиот уметник Горан Трбуjак.