Преку онлајн турнири во познатите игри League of Legends и Counter Strike: Global Offensive, Македонската е-спорт асоцијација (МЕСА) се приклучува во поддршката кон Светската здравствена организација во кампањата за социјализација преку видео игрите.
Од МЕСА потенцираат дека турнирот на 24, 25 и 26 април доаѓа во време кога глобалната пандемија наметнува различен начин на секојдневно живеење, во кое социјалната дистанца и престојувањето дома се од исклучителна важност.
Оттука, велат од МЕСА, видео игрите и е-спортот кои и онака се во голем подем, претставуваат едни од главните начини на социјализација и извор на забава.
„Македонската е-спорт асоцијација примарно беше создадена од ентузијасти за видео игри кои веруваат во социјалната моќ на видео игрите и можноста истите да ги зближат луѓето. Логично следство ни претставуваше да овозможиме натпреварувања во најпознатите видео игри преку кои можеме да помогнеме во олеснување на оваа уникатна ситуација. Гејминг сцената воопшто е исклучително позитивно изненадена од иницијативата на Светската здравствена организација, покрај фактот дека се користат видео игрите како помогатели во ова време, оваа кампања дополнително додава кон борбата против негативната стигма која е создадена за видео игрите“, вели Константин Пејоски, претседател на Македонската е-спорт асоцијација.
Според него, гејмингот и интернетот имаат потенцијал да зближат луѓе со слични размислувања, а веќе години наназад сѐ повеќе се зголемува оваа заедница од луѓе кои имаат иста пасија.
„Показател за ова е ѝ дека квотата за тимови кои можат да се регистрираат за овој турнир се пополни само по неколку часа од објавувањето на истиот, што ни дава мотивација вакви организирани натпреварувања да создаваме се почесто, а притоа да помогнеме во олеснувањето на секојдневието на играчите“, потенцира Пејоски.
Тој објаснува дека „Quarantinе online tournament“ ќе се одвива од петок до недела, а ќе можат да се гледа во живо на twitch.tv/mesa_mk и twitch.tv/ggtvmk. Најдобрите гејмери како победници на турнирот ќе бидат наградени од спонзорите на овој настан.
„Како и во светски рамки, во последните неколку години гејмингот во Македонија доживува огромен подем. Врвните играчи на овие видео игри се сметаат за професионални атлети и добиваат визи еднакви на професионалните фудбалери, кошаркари, ракометари или било кои други врвни спортисти. Огромната бројка на гледачи и љубители кои ги следат овие натпреварувања дополнително додава на афиримирањето на натпреварувањето во видео игри како спорт, а бројката на гледачи до 2021 година е предвидено да се искачи на 250 милиони љубители на ваквиот вид натпреварувања“, велат од МЕСА.
Инаку, СЗО заедно со претставници од гејминг индустријата веќе покренаа кампања #PlayApartTogether (#ИграјтеОдвоеноЗаедно), со цел луѓето кои се забавуваат играјќи видеоигри да ги следат препораките за социјална дистанца и лична хигиена за спречување на ширење на коронавирусот.
„Се наоѓаме во клучен момент на дефинирање на резултатот од оваа пандемија. Гејминг индустријата има глобална публика – ги охрабруваме сите да #ИграатОдвоеноЗаедно. Повеќе физичко дистанцирање плус други мерки ќе резултира во израмнување на кривата и ќе спасат животи“, напиша на Твитер глобалниот амбасадор на СЗО, Реј Чемберс.
18 водечки компании од гејминг индустријата, од „Activision Blizzard“ до „Zynga“, најавија дека во следниот период ќе ги потсетуваат своите корисници за препораките кои можат да помогнат во зачувувањето на јавното здравје.
Б.Ш.