Советот за човекови права на Организацијата на обединетите нации (ООН) вчера ја усвои резолуцијата со која се осудува диксриминацијата и насилството над ЛГБТ луѓето, а меѓу земјите кои гласаа „за“ е и Македонија. Резолуцијата изразува длабока загриженост за „чиновите на насилство и дискриминација, во сите региони во светот, насочени кон индивидуалци поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет“.
Околу една четвртина од земјите-членки на ООН имаат претставници во Советот за човекови права на ООН. „За“ резолуцијата гласаа 25 земји, од кои три од Балканот – Македонија, Црна Гора и Романија. „Против“ се изјаснија 14 земји, меѓу кои Русија и Саудиска Арабија, чиј претставник ја нарече резолуцијата „кршење на чоевековите права“. Седум земји, меѓу кои Индија и Кина, се воздржаа од гласање.
Резолуцијата, предложена на почетокот на месецов исто така го поздравува „позитивниот развој на меѓународно, регионално и национално ниво во борбата против дискриминацијата заснована на сексуалната ориентација и родовиот идентитет“.
Усвојувањето на документот го поздрави Jessica Stern од Меѓународната ЛГБТ комисија за човекови права:
„Советот направи фундаментален чекор напред со тоа што го зацврсти еден од клучните принципи на Обединетите нации – еднаквоста во правата и достоинството за сите“, изјави таа.
Гласот на Македонија „за“ по ова прашање доаѓа како изненадување, ако се знае дека таа не важи за земја која ги заштитува правата на ЛГБТ популацијата. Наспроти барањата на македонските ЛГБТ здруженија, Владата во 2010 одби да ја вклучи дискриминацијата по основ на сексуална ориентација и родов идентитет во Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој стапи на сила во 2011.