Опасност од поплави во Северозападна Македонија, Пелагонија и Скопје

Ситуацијата со поплавите е најкритична во северозападниот регион на Република Македонија, Пелагониската котлина, но и во градот Скопје, констатираше Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Според податоците од надлежните институции, значително се зголемени водостоите на реките Вардар, Црна, Треска, Сатеска, Радика, како и на реката Пчиња. Поплавувања се регистрирани во горните текови на Вардар, Црна и реката Треска и нивните помали притоки.

Во општината Јегуновце е поплавена поголема површина на земјоделско земјиште. Но ако и натаму се зголемува нивото на реката Вардар, институциите констатираа дека и дел од куќите може да бидат поплавени. Исто така, во Гостиварското село Форино, поплавени се дел од куќите и подрумските простории. Регистрирано е и клизиште на патот кај тетовското село Ново село. Дел од подрумските простории во пониските делови на градот Струга биле поплавени во текот на денот, поради високото ниво на подземни води. Исто така, поплавено е и обработливо земјоделско земјиште поради излевање на реката Црн Дрим.

Во Кичево веќе е интервенирано во дел од градот, по течението на реката Зајашка. Поставен е одбранбен насип со вреќи со песок и механизација. Има и помали излевања на реката Вардар во Скопско. Со оглед на ситуацијата, овие состојби може да се променат во рок од неколку часа, констатираат институциите.

Имајќи ги предвид најавите на Управата за хидрометеоролошки работи за нови врнежи од дожд во следните 24 часа, Управувачкиот комитет за справување со кризи побара од надлежните институции да одржат координативни состаноци со цел правење на детален акциски план со работни активности  за превенција од  поплавите. Побарано е итно чистење на каналите во каде има опасност од поплави, како и отпочнување  активности за санација и расчистување на поплавените подрачја.

Од Дирекцијата за заштита и спасување е побарано да достави преглед за тоа со колкав број на водни пумпи располага, а од Армијата е побарано да биде подготвена  да одговори на барањата на кризниот комитет.