#ОперацијаБилка: Да застанеме похрабро за декриминализација и легализација на канабисот

По повод „Денот на канабисот“, низ светот познат како 4.20 или 420, „Билка“ и останати активисти здружени во иницијативата #ОперацијаБилка, денес ги повикаа граѓаните да застанат похрабро и отворено во однос на барањата за декриминализација на канабисот и негова легализација за индустриска, медицинска и рекреативна употреба.

Од „Билка“ велат дека употребата на канабисот е уставно загарантирано право, а не казна.

Активистите потсетуваат дека пандемијата ги спречи да продолжат во поглед на активностите со #ОперацијаБилка, иницијатива започната во ноември 2019 година.

„Имавме цел во неколку месеци пред 20.04.2020 г. да се организираме со сите вас, да ве повикаме во мноштво активности со кои ќе обезбедевме навремена слобода за нашите и вашите другари/ки кои во моментов издржуваат високи затворски казни. Сакавме да бидат изгласани измените пред избори и, да му се радувавме на Коноп фест, заедно со сите притворени и затворени пријатели и другари и да излезат конечно на слобода. Но, тоа не се случи. Напротив, ги држат затворени во притвори и затвори како да се најтешки криминалци во време на пандемија. Изложени на висок ризик од заболување на вирус кој демне насекад. А, зошто? Зошто да седат во затвори и притвори за нешто што државата го легализира за извоз“, соопштија од „Билка“.

Од таму прашуваат зошто граѓаните да бидат апсени насекаде ако користеле и/или набавиле масло од канабис за да ги спасат својата мајка, татко, дете, дедо или баба, или, едноставно затоа што користат канабис како секоја билка која доаѓа од природата, затоа што е лична одлука. Активистите потенцираат дека тоа е повеќе од лична одлука, туку и уставно загарантирано право.

„Затоа, ве повикуваме денеска сите гласно и јасно да кажеме дека се работи за наше тело и живот, наше право да користиме алтернативни начини на лечење и/или рекреативно уживаме и, веќе немаме страв да зборуваме гласно дека: ‘Ние сме корисници на канабис и, дека веќе нема да дозволуваме да бидеме стигматизирани, навредувани, апсени, понижувани, да копаме гробови, да бидеме робови додека некој на нашата мака решил да прави пари“, соопштија од „Билка“.

Здружението денес организираше и дискусија за состојбата со канабисот во Македонија, за неговите придобивки, легислативата, политиките и можните решенија за декриминализација на канабисот. Исто така, активистите денес симболично ја објавија и песната „Не е легално“ на Donplaya со Prince$$ Donatsu и Bon Praskiza.

Инаку, Радио МОФ на почетокот на годинава пишуваше за тоа какви законски решенија и требаат на земјава за канабисот, откако измените за медицински канабис повторно влегоа во фокус на јавноста.

Компании тогаш бараа да се протурка предлог-Законот за да може да извезува сув цвет, тврдејќи дека имаат загуби со канабис, додека пратеници во Собранието се расправаа за решенијата, а министерот Венко Филипче рече дека измените се исчекор што ќе овозможат подобра контрола и вработувања.

Истовремено, активистите алармираа дека македонските пациенти и корисниците се изоставени од целава ситуација.

Какви законски решенија за канабис ѝ требаат на земјава

За канабисот во изминативе години се одржаа неколку расправи и дискусии, каде доктори и експерти зборуваа за повеќе студии и искуства како со канабис се третира канцер, епилепсија, аутизам, ХИВ, Паркинсова болест, Алцхајмер, фибромијалгија, мултиплекс склероза, болки, несоници, депресија, најразлични болести и состојби…

Светската здравствена организација (СЗО) изминатава 2019 година препорача до владите да го отстранат канабисот од листата на наркотични дроги.


Бојан Шашевски