Операта „Травијата“ вечерва во МОБ

Во Македонската опера и балет вечерва(12 февруари) ќе биде изведена оперската претстава „Травијата“ во режија на гостинката од Бугарија, Нина Најденова.

МОБ

Насловната улога, Виолета Валери, ја толкува сопранот Благица Поп Томова, Алфред Жермон ќе биде тенорот Ѓорѓи Цуцковски, додека Жорж Жермон ќе го интерпретира баритонот Борис Трајанов. Диригент е Бисера Чадловска.

Во рамките на одбележувањето 20 години билатерални односи помеѓу Македонија и Јапонија, Од МОБ за првпат најавуваат и премиера на јапонската опера во еден чин „Јузуру“ (Twilight Crane) на композиторот Икума Дан во која ќе учествуваат хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, а ќе има солисти и режисер од Јапонија.

Од МОБ во претстојниот период ја најавуваат и праизведбата на операта „Змејовата невеста“ од Стојан Стојков, на 15 март е закажана првата балетска премиера за оваа сезона, детската претстава „Петар Пан“, а во втората половина од сезоната е предвидена премиерата на балетот „Дамата со камелии“.

Со премиера на операта „Симоне Боканегра“ од Џузепе Верди, која првпат ќе биде изведена во Македонија, свечено ќе се отворат Мајските оперски вечери, додека во јуни ќе биде прикажана обновената опера „Боеми“, информираат од МОБ.