Опомена пред тужба добија студенти на кои по грешка им се исплатиле пари за студентски оброк

Дваесет и седум студенти беа затекнати откако на нивните домашни адреси добија опомена пред тужба со која Министерството за образование и наука бара да ги вратат парите за студентски субвенциониран оброк кои погрешно им биле исплатени во октомври.

Фото: Инстаграм/Студентарија

Во документот што го сподели „Студентарија“ се наведува дека во рок од три дена од приемот на опомената, студентите треба да вратат 1440 денари на сметка на Буџетот. Дополнително, студентите треба да достават уплатница до МОН како доказ.

„Доколку во наведениот рок не ги вратите погрешно исплатените средства, Ве известуваме дека Министерството за образование и наука ќе поведе постапка за враќање на неосновано исплатени средства пред надлежен суд“, стои во опомената.

Радио МОФ утрово испрати прашања до МОН за бројот на студенти кои добиле опомена пред тужба, како и за причината за настанатата грешка, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Минатата недела поради грешка во системот за електронски услуги, студенти добија погрешна информација за прекин на правото на студентски оброк иако претходно биле известени дека ги исполнуваат условите. По реакциите во јавноста, од МОН одговорија дека мејловите ги добиле студенти кои групно аплицирале за оброкот. Некои коишто добиле известување дека се одбиени, ги добиле средствата.

Е.П.

*Текстот е дополнет со информација од МОН за бројката на известувања за повраток на средствата.