Побунетите во Сирија соопштија дека ставиле крај на 24-годишното авторитарно владеење на Башар ал Асад, во првото обраќање на државната телевизија по молскавична офанзива што го изненади светот. Асад рано утринава го напушти Дамаск во непознат правец, изјавија за Ројтерс двајца високи воени офицери, додека побунетите рекоа дека влегле во главниот град, каде што воопшто немало војници, пренесува Н1.
Сириската воена команда денеска ги известила офицерите дека режимот на Асад завршил, изјави за Reuters сириски офицер кој претходно бил информиран за тоа. Сепак, сириската армија подоцна соопшти дека ги продолжува операциите против „терористичките групи“ во клучните градови Хама и Хомс и во Дера.
„Со сирискиот народ ја славиме веста за ослободувањето на нашите затвореници и кршењето на нивните синџири и го објавуваме крајот на ерата на неправдата во затворот Седнаја“, рекоа побунетите, мислејќи на големиот воен затвор на периферијата на Дамаск, каде сириската влада приведе илјадници луѓе.
Илјадници луѓе во автомобили, како и оние кои дојдоа пеш, го преплавија главниот плоштад во Дамаск, мавтајќи и извикувајќи „слобода“ од полувековното владеење на семејството Асад, велат очевидци.
Луѓето извикуваат „Господ е голем“ и скандираат слогани против Асад, а во некои области се слушаат и славенички пукотници.
Ова е првпат опозициските сили да стигнат до Дамаск од 2018 година, кога сириските војници ги освоија областите во предградието на главниот град по едногодишна опсада.
Провладиното сириско радио Шам ФМ објави дека аеродромот во Дамаск е евакуиран и дека летовите се прекинати. Побунетите, исто така, објавија дека влегле во озлогласениот воен затвор на северот на главниот град и дека затворениците се ослободени.
Според последните пишувања, сириски авион полета од аеродромот во Дамаск околу времето кога беше објавено дека главниот град е заземен од побунетите, според податоците од веб-страницата „Флајрадар“, што укажува на тоа дека во авионот можеби бил сменетиот претседателот Башар ал Асад. Два сириски извори изјавија дека е многу веројатно дека Асад можеби загинал во авионската несреќа и дека е мистерија зошто авионот нагло се свртил и исчезнал од картата.