Опсерваторија на медиумските реформи: МРТ на пониско ниво, нема поместување кај навредата и клеветата
Фондацијата Метаморфозис во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ кој се однесува на исполнетоста на Итните реформски приоритети (ИРП) за слободата на изразувањето го објави финалниот извештај кој сумарно ги презентира генералните резултати од набљудувањето, во периодот од 1 јули 2017 до 30 септември 2018 година.
Во извештајот, во однос на исполнувањето на реформите, предмет на следење беа четирите столба: jавен радиодифузен сервис, владино рекламирање, пристап до информации од јавен карактер и клевета и навреда.
Во краткото извршно резиме се наведуваат следните констатации:
Јавен радиодифузен сервис – новото буџетско финансирање на МРТ покажа дека е на пониско ниво од претходно и оти нема да ги задоволи потребите за нормално функционирање на јавниот сервис. Затоа во јули 2018 година со ребаланс на буџетот Собранието додели дополнителни 3 милиони евра за тековната година. Започнатите промени во медиумската легислатива не добија своја завршница во Собранието. Во законодавниот дом сè уште не се изгласани потребните измени на предметниот закон. Програмскиот совет на МРТ, во чиј состав има членови кои се поранешни носители на јавни функции, го реизбраа актуелниот директор на МРТ. Програмските сервиси на телевизијата се во истиот формат и покрај законската обврска за четврт ТВ-канал. Не се забележани никакви реформски зафати за унапредување на работата и на квалитетот на програмската/содржинската понуда во јавниот сервис.
Владино рекламирање – иако се укинати владините реклами на домашните медиуми, Владата не обезбеди детални објаснувања за низа специфики за обезбедување целосна транспарентност и отчетност, преку објава на правилници, процедури или протоколи. Дополнително во Членот 102 од Предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е оставена можноста за рекламирање на Владата, владините институции и другите јавни претпријатија.
Пристап до информации – Покрај мерките за отворање на јавните бази за новинарите, донесени од Владата, некои министерства отворија онлајн-пристап за пошироката јавност до податоци за трошењата, тендерските договори и набавките. Останува непроменета состојбата врзана за измени и дополнувања на Законот за пристапот до информации од јавен карактер. По повикот до широката и експертската јавност за сугестии за измени, не се формирани работни групи при Министерството за правда не е започната некаква активност во оваа насока. Дополнителна отежнувачка околност е нефункционалноста на Комисијата. Таа функционира без претседател и без два члена, со што нема мандат да донесува решенија по жалби за пристап до информации од јавен карактер. Кадровското екипирање на Комисијата се очекува да заврши до крајот на 2018 годнина.
Клевета и навреда – Во оваа област нема никакви промени и поместувања во периодот на следење и известување. И покрај евидентираните намалени тужби и спорови против новинари за клевета и навреда, сè уште останува дилемата кај судовите дали онлајн-медиумите и нивните вработени ќе се третираат како медиуми/новинари. Судската пракса покажува дека има произволно толкување за овие субјекти и за новинарите што работат во овој тип медиуми на што професионалната НВО-заедница константно реагира. На формалните административно-правни реакции се уште нема одлука од повисоките судски инстанци. Не е преземена иницијатива за ревидирање на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда и на процедуралните правила со цел да се усогласат со практиката на Европскиот суд за човековите права. Владата не почнала координација со стручната јавност во оваа насока.
Сите резултати од следењето се достапни на македонски и на албански јазик на веб-локацијата MediaObservatorium.mk
Официјалната презентација на финалниот извештај ќе биде на 11 декември на Конфренцијата Е-општество.
Проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ го спроведуваа Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со ЗГ „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.