Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика. Пробацијата во државата треба што побрзо да го пронајде своето место во системот на извршување на кривичните санкции, и нејзината улога во времето кое следи треба да заземе значајна улога во превенцијата на криминалитетот, заштитата на правата на осудените лица низ хуманизација на постапувањето кон нив, нивното ресоцијализирање и рехабилитирање, како и кон заштита на општеството.
Сите оние кои гледале криминалистички холивудски филмови би требало да знаат што е тоа пробација (probation) или пак да имаат определена претстава за тој метод и начин на контролирање на лица кои што се правосилно осудени од надлежен суд, иако не го знаат стручниот термин за тоа. Терминот пробација етимолошки потекнува од англискиот јазик и во превод значи ,,тестирање“,. Пробацијата претставува ,,условена слобода“, која подлежи на надзор над извршителот на кривичното дело. Во текот на пробацискиот период, пробациските службеници вршат надзор и со помош на стручните постапки предвидени во член 11 од Законот за пробација, влијаат на ризичните елементи како опасноста од повторно извршување на кривично дело (бидејќи рецидивистите повторно вршат кривични дела бидејќи се оставаат без надзор) кај сторителот на кривичното дело со цел да се постигне негова ресоцијализација и реинтеграција во заедницата, односно општеството.
Пробацијата во англосаксонското право најпрвин, а потоа и во нашето континентално право е постапка за надзор над однесувањето на личностите кои се во ризик по изрекувањето на определена казнена санкција. Во западните земји пробацијата многу се практикува во работата со малолетните деликвенти во кои се вклучени и Центрите за социјална работа во соработка со други надлежни инсtитутции или пак и со семејството доколку и тоа е во состојба да се вклучи во овој пробациски процес, со што акцентот се става на нивно рехабилитирање и ресоцијализирање, врз основа на принципите на ресторативната правда. Алтернативите на краткотрајните казни затвор се огледуваат во зголемената хуманост и економичност во извршувањето на кривичните санкции, со перспектива на позитивното влијание на рехабилитацијата и социјална адаптација на осудените лица.
Што предвидува Законот за пробација?
Со Законот за пробација кој стапи на сила кон крајот на 2016 година најпрвин се уредува постапката за извршување на алтернативните мерки како што се: условна осуда со заштитен надзор, куќен затвор, општокорисна работа, обврските изречени во казнена постапка во согласност со закон, како и извршување на условниот отпуст изречен по одлука на надлежен суд, како и отвaрање на пробациски канцеларии во градовите низ државата со пробациски службеници. Пробациските работи според член 3 став 1 од истоимениот закон се активности кои ги преземаат пробациските службеници при спроведување на надзорот над извршувањето на алтернативните мерки и обврски, како и условниот отпуст, над лицата на кои истите им се изречени од судот. Пробациските работи според Законот за пробација, ги извршуваат пробациски службеници од Управата за извршување на санкциите, врз основа на претходно барање од надлежен суд или пак одлука од суд, и врз основа на претходна согласност од лицето спрема кое се однесуваат. Со политиката на сузбивање на криминалитетот, се определува и начинот на кој државата има желба да влијае на неговото намалување, како во смисла на генералната превенција, така и на специјалната превенција.
Пробациските методи и алтернативните мерки предвидени во член 11 овој закон, имаат функција на рехабилитирање, ресоцијализација во општеството и намалување на затворската популација во државата. Најголема улога во рехабилитацијата и ресоцијализацијата на извршителот на кривичното дело има кривичната или казнената санкција која му е изречена и програмата за рехабилитирање како во периодот на нејзиното извршување, така и после тоа. Посебен фокус треба да се стави на краткотрајните казни на лишување од слобода поради зачестеноста на нивното изрекување, нивната природа како основа за рехабилитација на извршителот на кривичното дело, како и трошоците на државата во процесот на нивното извршување.
Проблеми во спроведувањето на законот
За жал, Законот за пробација во пракса се соочува со многу проблеми. На тркалезната масаорганизирана во месец февруари годинава, од страна на Управата за извршување на санкциите и Германската Фондација за меѓународна правна соработа IRZ, во рамките на Твининг проектот ,,Јакнење на пенитенцијарниот систем и пробациската служба“, директорот на Управата за извршување на санкции информираше дека заклучно со 2019 година се отворени девет (9) пробациски канцеларии во кои работат 22 пробациски службеници. Како за споредба, Естонија брои 1,3 милиони жители, а во неа работат 230 пробациски службеници. За успешното реализирање на националната стратегија за реформата на пенитенцијарниот систем во земјава, и отворање на нови канцеларии ширум градовите во државата и вработување на компетентни лица како социјални педагози, психолози и правници, неопходно е државата да обезбеди финансиски средства. Законот за пробација иако е донесен пред неколку години, не постојат официјални податоци за тоа колку истиот е употребен и спроведен во пракса.
Според порталот Либертас, истиот е искористен само во шест (6) случаи, од кои за пет случаи во 2017 година, и само за еден единствен случај во 2018 година. Она што е интересно според овие податоци е што од Законот за пробација се искористени само одредбите кои се однесуваат на условен отпуст, а ниту еден случај нема за определена општокорисна работа, или пак, куќен затвор. Порталот ,,Сакам да кажам“, во декември 2017 излезе со податоците дека во 2017 година за пет лица од скопското апелационо подрачје и 12 лица од другите апелациони подрачја е изречена мерка според Законот за пробација.
Податоците се различни, бидејќи се уште не е воспоставен унифициран државен регистар на лица на кои им е одредена определена пробациска мерка. Потребно е точно, јавно и транспарентно да се утврди и да се искристализира статистиката во однос на досегашното користење на законот. Исто така, популарните ,,електрични алки“ наменети за куќен затвор или домашен притвор, за кои медиумите пишуваа и објавуваа во последно време, се купени уште пред скоро 5 години и се наоѓаат во Кривичниот суд во Скопје, но нивната примена е се уште надвор од функција бидејќи ниту една компанија не се јавила на распишаниот тендер во 2019 година за нивно одржување. Според репортажата на Телма телевизија, во Германија која важи за една од најразвиените Европски земји, околу 70% од осудените лица на казна затвор, казната ја издржуваат надвор од затворот, додека пак во нашата држава има само еден таков пример на затвореник од Тетово.
Во Германија, врз основа на анализата на Howard League for Penal reform, бројот на луѓето кои биле под ,,супервизија/пробација“ (Führungsaufsicht) континуирано расте, од 24,818 лица во 2008 година до 36,706 лица во 2014 година. Бројот пак на лицата кои добиле инструкции да останат во контакт со пробацискиот службеник драстично се зголемил од 27,401 лице во 1963 година до 182,715 во 2011 година. Порталот Апла мк излезе со податоците на Советот на Европа, дека Република Северна Македонија е трета земја по пренатрупаност на затворите, односно има 123 затвореници на 100 места во затворите, додека европскиот просек е 99 затвореници на 100 затворски места. Не е направена анализа дали тоа се должи на високата стапка на криминалитет, или пак е последица на строгата ретрибутивна казнена политика на кривичните судови во државата. За поздравување е склучениот меморандум за соработка помеѓу Управата за извршување на санкции и Град Скопје, според кој осудените лица на полесни кривични дела за кои е пропишана казна затвор до 3 години, ќе извршуваат општокорисна јавна работа во јавните претпријатија на Град Скопје. Обврските на осуденото лице при извршувањето на конкретна општокорисна работа ќе бидат усогласени со индивидуалниот план и програма изработени од страна на Пробациската служба. Според меморандумот, Град Скопје треба да овозможи надзор над исполнувањето на задолженијата на лицата при извршување на мерката општокорисна работа од овластен пробациски службеник од пробациската канцеларија на локално ниво и од Секторот за пробација на централно ниво од Управата за извршување на санкции. Најголема новина ќе биде и заштитното набљудување од офицери за условни казни. Моментално, има само една таква пресуда, но обвинителството кое постапувало во тој предмет ја обжалило. Од тие причини системот на пробацијата, не може да се ограничува само на пеналниот (казнениот) или пак постпеналниот период. За квалитетна реинтеграција, од посебно значење е и проценката на ризикот која мора да се спроведе далеку пред јавниот обвинител да донесе одлука за покренување на постапка или слично. Од посебно значение за успешна пробација е проценката на ризикот од страна на пробациската служба во соработка со јавното обвинителство и другите органи, да се врши на самиот почеток на кривичното гонење и на основа на тие процени да се насочи текот на постапката како и видот на мерката или санкциите кои би биле применети.
Бенефит од спроведување на Законот за пробација
Според искуствата од Западните земји, пробацијата на долг рок дава успешни резултати во однос на сузбивање на криминалитетот, и реинтегрирање и ресоцијализација на сторителите на кривичните дела во заедницата. Експертот Енди Стелман, кој живее во Обединетото кралство и е експерт по казнено право, гостуваше на тркалезната маса на тема за пробацијата организирана од Акдемијата за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев“ уште пред да стапи на сила Законот за пробација, во кои кажа дека земјите од каде доаѓа, односно Англија и Велс, имаат над стогодишна успешна традиција од областа на пробацијата, и дека пробацискиот систем ја редуцира затворската популација и помага во реинтеграцијата во општеството. Во Англија и Велс има дури 17.881 пробациски службеници. Сите земји од Европската Унија ја имаат препознаено користа од пробацијата. Во таа насока и искуствата во областа на пробацијата кои ни доаѓаат од Хрватска, говорат дека пробациската служба таму работи со ,,полна пареа“. Пробациските службеници во Хрватска, според официјалниот пробациски билтен за 2018 година, работеле со повеќе од 7000 сторители на кривични дела, што за нас претставува една фрапантна бројка.
Во февруари 2017 година во Хрватска се стави и првата ,,електронска алка“, на лице на кое му била одредена мерка домашен притвор. Кај нас се уште нема таков случај. Што се однесува до општокорисната работа и користа на општеството од неа, можеме да го посочиме следниот позитивен пример: во 2017 година во поплавите во источна Славонија, под организација на пробациската служба на Хрватска, осудениците на поплавените подрачја одработиле околу 11 илјади саати општокорисна работа, односно работеле на испумпување на вода и извлекување на лешевите од угинатите животни на поплавеното подрачје. Во исто време осудениците кои се под пробациски надзор, се чувствуваат корисни бидејќи и помагаат на заедницата за време на елементарна непогода, не се отфрлени, социјално се реинтегрираат во заедницата, и во исто време општеството има корист од нив. Доколку истите одлежувале затворска казна, тогаш оваа акција на поплавените подрачја не би можела да се спроведе. Со претходно наведените позитивни примери можеме да утврдиме дека е потребно што поскоро да профункционира законот за да може и нашето општество да ги ужива неговите бенефиции. Со оглед на фактот дека целта на пробацијата е да придонесе кон правичност на кривичните постапки, намалување на криминалитетот и намалување на затворската популација, Советот на Европа ја донесе клучната препорака CM/Rec (2010) која се однесува на пробационите правила. Најважните цели на пробациската служба според овие пробациони правила предвидени во препораката, се превенцијата на идното криминално однесување на извршителот на кривичното дело, процена на криминогениот ризик и третманските потреби, влијанието на околностите кои го детерминираат извршувањето на кривичното дело и кои би можеле да му придонесат кон рецидивизмот, работа на социјалната интеграција на личноста вклучена во пробацијата и заштита на општеството.
Еден ден затвор во нашата држава чини околу 950 денари, а еден ден пробација само 50 денари. Разликата е очигледна. Државата на овој начин финансиски многу ќе заштеди, и наместо ,,ситните престапници“, да ги праќа во казнено-поправна установа, ќе може да ги искористи за општокорисна работа до 240 часа за половина година. Кршењето, односно повредувањето на насоките на пробациските службеници може да резултираат со подолг период на пробација или пак трансформација на ,,условената слобода“ со казна затвор. Пробацијата ги става во ,,тешка ситуација“ лицата на кои им е одредена определена пробациска мерка, бидејќи тие ќе мора да внимаваат на секој потег што го прават. Интенцијата на пробацијата е да го рехабилитира лицето. Во таа насока, Законот треба што побргу да профункционира ефикасно во пракса и да се овозможат доволно ресурси за негово спроведување. Оваа година треба да го очекуваме ,,големиот бран“ од позитивните промени кои ги носи Законот за пробација. На нашите судии не им е непознато да изрекуваат алтернативни мерки, односно условни осуди на лица кои прв пат дошле во судир со Кривичниот законик на државата и кои сториле полесно кривично дело. Во истите условени пресуди треба само да ги додадат мерките за надзор кои ги предвидува законот, општокорисна работа или пак некој судија да се охрабри и да донесе санкција – куќен затвор со електронски надзор.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.