Општина Аеродром препорачува основците да не поседуваат и користат телефони за време на наставата

По општина Центар, сега и општина Аеродром донесе препорака основците од прво до деветто одделение да не ги поседуваат кај себе и да не ги користат мобилните телефони за време на наставата.

Имено, Аеродром препорачува учениците при влез во училиштата да ги оставаат своите мобилни апарати во посебно означени кутии сместени во посебни простории во рамките на училиштата, од каде ќе можат да ги земат по завршување на наставата.

„Доколку вработените во училиштата увидат дека некој ученик поседува и втор телефон може да го одземе и да го врати на родителите или старателите“, велат од Аеродром.

Од општината посочуваат дека ваквата препорака е донесена по спроведените консултации со директорите и стручните служби на училиштата, по што Аеродром покренала иницијатива која наишла на поддршка од училишните одбори и од советите на родители.

„Со оваа препорака имаме за цел да ги заштитиме нашите ученици од несоодветни, непристојни, па дури и опасни содржини што секојдневно се шират по одредени социјални мрежи кои за жал се пресликуваат и во нашата реалност. Исто така, очекуваме учениците со поголемо внимание и фокусираност да ги следат предавањата на часовите со што ќе се подобри образовниот процес, но и да развијат поголема друштвеност и емпатија меѓу себе и да се избегне потенцијална појава на мобинг и меѓуврсничкото насилство“, соопштуваат од Аеродром.

Оваа препорака, велат тие, е во насока и на истражувањата спроведени од Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО), од каде во јули 2023 година укажаа на негативните ефекти од употребата на паметни телефони врз процесот на учење. УНЕСКО советува за соодветна употреба на технологијата во училиштата.

„Нашите ученици се нашата иднина и ние сме одговорни да ги обезбедиме сите потребни услови во кои тие ќе имаат правилен раст и развој. Токму затоа со големо внимание и посветеност го следиме спроведувањето на воспитно-образовниот процес и работиме на подобрување на условите во нашите училишта“, соопштува Општина Аеродром.

Пред десетина денови слична препорака донесе и скопската Општина Центар.

Од таму рекоа дека донеле забрана за телефон за време на наставата, а вториот мобилен да биде одземен и вратен на родителот.

„Со оглед на случувањата во последниот период кои резултираат со повреди на самите ученици преку апликациите ТикТок и други, да се подигне безбедноста во училиштето на повисоко ниво. Мобилните телефони имаат негативно влијание врз процесот на учење. Продолжуваме да работиме на подобрување на условите за едукација и воспитување на младите, обезбедувајќи балансирано и здраво опкружување за нивниот развој“, соопштија од Општина Центар.

Инаку, иницијативата за забрана за телефони на часовите е актуелна веќе неколку години. Во 2023 година на локално ниво предлогот го актуелизираше Шанса за Центар, откако Холандија забрани мобилни телефони, таблети и паметни часовници во училиштата, а притоа и УНЕСКО истата година имаше глобален повик.

Меѓувремено на темата јавно говореше и Светската здравствена организација (СЗО). Наташа Ацопарди Мускат, директорка од СЗО, лани рече дека државите треба да размислат за регулирање на мобилните телефони и другите дигитални уреди, аргументирајќи дека тие влијаат врз здравјето на младите, откако и студија на СЗО покажа зголемување на проблематичното и „зависно“ однесување во консумацијата на игри и социјални медиуми кај адолесцентите во Европа.

„Можеби треба да размислиме каде е соодветно да се користат дигитални уреди, а можеби и време е да почнеме да размислуваме за места каде одредени дигитални уреди не треба да се користат“, исто како што забрануваме пушење во одредени области“, рече таа.

Претходно минатото лето, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен вети „прва европска истрага за влијанието на социјалните медиуми врз благосостојбата на младите“. Прегледот на доказите е од клучно значење, но не треба да чекаме премногу долго, рече Ацопарди Мускат.

„Треба систематски да се собираат докази и потоа да видиме што веројатно ќе функционира и каков е пристапот што сакаме да го преземеме“, рече таа. „Но, сосема е јасно дека не можеме да го одложиме преземањето акции и одлуки“.

Во македонски контекст, новото истражување на Институтот за комуникациски стуии (ИКС) покажа дека дури една четвртина од младите луѓе (од 18 до 29 години) се наоѓаат во критичните нивоа на зависност од социјалните медиуми: околу 5% спаѓаат во категоријата на висока зависност, а дополнителни 19% се блиску до најкритичното ниво на зависност, што значи дека тие се соочуваат со предизвикот да го намалат користењето на социјалните медиуми и се свесни дека треба да го направат тоа.

„Споделувањата, лајковите и коментарите на платформите го активираат мозочниот центар за наградување, што резултира со високо ниво допамин, слично на она што луѓето го чувствуваат кога се коцкаат или користат дрога. Овој тип зависност спаѓа во категоријата зависност во однесувањето“, се вели во домашното истражување.

Мобилни телефони во(н) училишните часови

Радио МОФ веќе пишуваше дека смартфоните станаа неизоставен дел од личниот и социјален живот на младите. Ги користат за „скролање“ вести и рилови, играње видео игри, за фоткање, „бинџање“ серии, за комуникација, себепретставување… Во последниве години се случуваат и т.н. предизвици меѓу врсници, а интернетот отвора врата и за сајбер-булинг. Сите овие навики и трендови, помалку или повеќе, учeниците ги носат во школо, па е ставен на тест образовниот систем – или да се прилагодува на дигиталниот живот на младите и ги решава ситуациите во од, или да ги забранува телефоните како мерка против булинг и незаинтересираност на часовите, без притоа младите да добиваат чувство дека тоа им одзема некое право или слобода, туку им помага во едукацијата.

Засега, постојат само поединечни протоколи за телефони по некои школи и општини, додека унифициран протокол за цела држава се’ уште не е изработен, иако надлежните институции на неколку пати најавуваа такво нешто, најчесто да „изгасат“ оган кога јавноста реагираше за булинг или немили случаи во школите.

Бојан Шашевски