По наводите на Град Скопје дека Инспекторатот за животна средина изрекол парична казна за Општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски поради исфрлање отпад на јавна површина, од општината тврдат дека досега до нив нема стигнато никаква документација поврзана со наводите на Град Скопје.
Од Општина Аеродром посочија дека по евентуалното добивањето на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна, како што велат, ќе го докажат во соодветна законска постапка пред надлежните институции.
„Воедно, не ја исклучуваме можност за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска“, соопштија од Општина Аеродром.
Оттаму се децидни дека грижата за здравјето и животот на граѓаните е нивен врвен приоритет, додавајќи дека постапувањето согласно законите е единствен императив во работењето на општината.
Инаку, од Град Скопје, претходно посочија дека општината преку компанијата „Пирамид Билдинг“ ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во Јавното претпријатие „Дрисла“ го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина, во парк во близина на управната зграда на ФФМ на булевар „АСНОМ“ со што направиле нова дива депонија.
Рокот за подмирување на казната е 8 дена од денот на изрекувањето, посочија од Град Скопје, велејќи дека во спротивно истата присилно ќе се наплати.